Групата „THE FOUR“ од Прилеп постои скоро година и половина и таа претставува вистинско освежување на македонската клубска сцена. Свират урбана поп и рок музика. Интересно е тоа што овој бенд нема електрични инструменти, како електрична гитара, нема бас гитара, нема класичeн сет на тапани, туку песните се повеќе на акустика, со акустична гитара, кахон и клавијатури како пратечки инструмент.
За време на празниците имаа навистина турбо период со голем број на свирки во кафулињата и клубовите Прилеп, Битола, Охрид и други градови, а исто така учествуваа и на новогодишната прослава на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.
Групата има два вокали, Даниел Павлоски и Бобан Лашкоски кој свири исто така и гитара, а додека при интерпретацијата на песните вокално се вклучуваат и Душко Темелкоски клавијатури и Емил Велкоски тапанар и кахон.
Даниел и Душко имаат заедничка соработка веќе една деценија. Пред „The Four“ тие беа членови на бендот „Трета димензија“. Со таа група имаа 5-6 свои композиции, но не издадоа албум. Учествуваа на повеќе фестивали, а учествуваа со своја композиција и на изборот за песна за Еврововизија.
Инфо Компас направи интервју со двајцата членови, Даниел Павлоски и Душко Темелкоски, со кого поразговаравме околу настанувањето на групата, моменталните ангажмани, но и идните планови.
„THE FOUR“ велат дека ќе продолжaт со интензивни свирки по градовите низ цела Македонија, а наскоро планираат да ја извадат и својата прва песна.
Повеќе околу овој разговор погледнете во видеото.