Силното зимско невреме низ цела Западна Европа предизвика жртви и големи штети. Десетици илјади луѓе се без електрична енергија, а во прекин е и авиосообраќајот.
Двајца загинати има на северниот брег на Баскија во Шпанија откако исчезнаа во голем морски бран, а загина и еден скијач врз кого падна дрво на француските Алпи.
За првпат холандските власти ги затворија петте главни пристаништа. Брзината на ветерот достигна до 110 километри на час на амстердамскиот аеродром при што беа одложени сите летови.
Во Франција се забележани ветрови со брзина и до 140 километри на час. Вкупно 15 лица се повредени во целата земја, а четворица се во тешка состојба. Во Париз е затворена и Ајфеловата кула поради силниот ветер. Исто така, затворени се и парковите поради опасност од паѓање на дрва. Околу 14 илјади домаќинства се без електрична енергија, а рекордна силина на ветерот од 195 кмилометри на час имаше во Луцерн.
Силниот ветер блокираше неколку луѓе на жичара во Сент Гален. Бурата зафати и делови на Германија и Австрија каде 20 скијачи биле спасени во Кицбил. Во Белгија е прогласена портокалова состојба, а властите ги повикаа граѓаните да бидат внимателни и да не излегуваат без потреба поради кршење на дрва и на други објекти од ветерот. Во Обединетото Кралство илјадници семејства останаа без електрична енергија, а во прекин се и многу летови.
Во железничка несреќа во Швајцарија беа повредени осум лица, откако ветер со брзина од 195 км/ч истурка воз од шините.