Сириската армија соопшти дека Израел денеска со авиони и проектили земја-земја нападнал и оштетил „воени цели“ во сириската територија, во близина на главниот град Дамаск.
Локални извори велат дека слушнале експлозии во близина на арсенал на ракети со голем дострел и други воени објекти, во градот Кајтиф. Официјалната сириска агенција, САНА, го цитира главниот командант на армијата, според која нападот бил спроведен за да го зголеми моралот на „поразените“ бунтовници.
Сириската армија тврди дека Израел го користел борбеното воздухопловство и ракети земја-земја, истрелани од Голанските височини.
Според сириски информации, ПВО на Дамаск „погодила“ израелски авион, а некои од ракетите биле пресретнати. Израелските власти не ги коментираа извештаите во Дамаск.