Лидерот граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, убиен е утринава пред канцелариите на неговата партија во Косовска Митровица. Ивановиќ бил погоден со четири куршуми, во бесознание бил пренесен во локалната болница во Косовска Митровица на реанимација, но докторите не можеле да го вратат во живот.
Северниот дел на Косовска Митровица утринава е блокиран од специјални сили на косовската полиција, кои трагаат по човекот кој пукал во лидерот на косовските Срби.
Најверојатно Оливер Ивановиќ ќе биде погребан во Белград, на барање на членови на неговото семејство. Телото на Ивановиќ ќе му биде предадено на семејството по обдукцијата што денеска ќе се изврши во Клиничката болница во Косовска Митровица.
Обдукцијата ќе биде извршена попладнево и таму ќе бидат претставници на Еулекс и на Институтот за судска медицина од Приштина.
Косовската полиција Во моментов трага по сторителите на убиството.
Сопругата на Ивановиќ, Милена, изјави дека се знаат убијците и дека ова нема да заврши добро. Неодамна бил запален автомобилот на Ивановиќ, а членовите на неговата партија „Слобода, демократија, правда“ се откажале од кандидатурата на последните локални избори поради застрашување.
Убиството на Оливер Ивановиќ е терористички акт и Србија кон тој акт така и ќе се однесува, изјави претседателот на Србија. Александар Вучиќ.
Обраќајќи им се на медиумите после седницата на Советот за национална безбедност, одржана по убиството на Ивановиќ, Вучиќ рече дека во име на државата Србија, во свое име и во име на Владата, изразува сочуство кон фамилијата на Ивановиќ.
„Извршителите на овој акт ќе бидат фатени, ако не ги пронајдат оние кои мораат, ние ќе го направиме тоа. Уверени сме дека тоа ќе значи и откривање на вистината за убиството на Ивановиќ. Немам овластување во овој момент да ги пренесам сознанијата со кои располагам. Нема да шпекулирам, но има интересни детали кои укажуваат на можните извршители“, истакна српскиот претседател.
Европската унија побара косовските власти да ги откријат и осудат сторителите на убиството на Ивановиќ. Убиството го осуди и косовскиот претседател Хашим Тачи и косовската Влада.
Набрзо по убиството, во близина на местото е пронајдено запалено возило „Опел астра“, без регистерски ознаки. Се претпоставува дека најверојатно тоа возило припаѓало на напаѓачите на Ивановиќ.