Турската армија веќе повеќе од една седмица во сириската покраина Африн ја спроведува операцијата „Маслинова гранка“ против тамошното курдско население.
Во нападите на туркското воено воздухопловство тешко е оштетен и древниот храм Аин Хара, соопштија од сириската Опсерваторија за човекови права, изразувајќи жалење за големата катастрофа која што е практично иста како и пустошењето на Исламската држава на древниот град Палмира.
„Храмот датира од Арамејската ера (1300-700 год. пред Исус). Уништено е окол 60% од богатото историско наследство“, изјави Рами Абдел Рахман, директор на Опсерваторијата со седиште во Лондон.
Градбата откриена во 1982-ра година се протега на околу 50 хектари и познта е по изрезбаните големи блокови на базалт, како и по богатите ѕидни релјефи.
„Три илјади години цивилизација се уништени во само еден воздушен напад“, изјави директорот на сириските музеи и сириското културно богатство, Манун Абделкарим.
Од сириската Управа за национално богатство и музеи ги осудија турските напади на археолошките наоѓалишта во Африн, потврдувајќи го уништувањето на храмот кој што бил едно од најголемите културни наследства – највредната градба која што ја изградиле Арамејците во Сирија.
Од Управата ја повикаа меѓународната заедница да изврши притисок врз Турција и да спречи археолошките и културните локации да бидат цел на гранатирања и бомбардирања. Од Турската армија засега не се достапни за кометар за уништувањето на древното културно богатство.
Турската операција во Сирија започна пред повеќе од една седмица со жестоко бомбардирање и копнена инвазија на турската армија. Сириската влада на претседателот Башар Ал Асад жестоко го осуди турскиот напад против курдските „Единици за заштита на народот“. Од Дамаск велат дека турската агресија го повредува сирискиот суверенитет и го прекршува меѓународното право.
Сириската граѓанска војна која што започна во 2011-та година досега практично ја разурна целата држава, а со тоа и многу историски градби и споменици. Досега од страна на Исламската држава и бунтовниците уништени беа Палмира и Стариот град во Алепо, кои што беа на листата на УНЕСКО како заштитени културни богатства, а сега турската армија уништи древен храм на Арамејците.