Русија ќе протера британски дипломати како одговор на протерувањето на 23 руски дипломати од Велика Британија, изјави за новинарите рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров а на прашањето за временскиот рок за оваа против мерка одговори „наскоро“.
Велика Британија протера руските дипломати откако Москва го игнорираше „ултиматумот“ да објасни како поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка се затруени во англиското гратче Салсбери со нервен гас развиван уште од времето на советската армија. Русија притоа побара да соработува во истрагата според меѓународните закони, на што Лондон, исто така, воопшто не одговори.
Британската премиерка Тереза Меј во средата најави низа дополнителни санкции против Русија, меѓу кои се протерувањето на 23 руски дипломати и замрзнување на билатералните договори, бидејќи ја обвинува Москва за овој инцидент.
Запрашан дали ќе се случи протерување на британските дипломати, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров одговори „Апсолутно. Набрзо. Ви го ветувам тоа“, пренесуваат агенциите.
Лавров истака и дека британскиот пристап кон овој инцидент е делумно поттикнат и од проблемите што ги има Лондон околу преговорите за истапувањето од Европската унија.
На состанокот на Советот за безбедност на ОН кој итно го свика Велика Британија, американската амбасадорка Ники Хејли рече во средата вечерта дека Русија е одговорна за труењето на поранешниот шпион во Англија. Поддршка на Лондон во овој судир му дадода американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.
Со тврдењата, но во кои отсуствуваат какви и да се докази, за наводната одговорност на Русија, се согласува и францускиот претседател Емануел Макрон најавувајќи во четвртокот дека следните денови ќе разгледа кои мерки ќе ги преземе Париз.
„Сето наведува дека одговорноста може да ѝ се припише на Русија“, истакна Макрон.
Претходно во четвртокот, портпаролката на руското министерство за надворешни работи. Марија Захарова обвинувањата на Лондон ги нарече „налудничави“, а шефот на британската дипломатија Борис Џонсон најави дека во рамките на мерки за одмазда може на удар да се најдат руски тајкуни поврзани со рускиот претседател Владимир Путин.
„Обвинувањата на премиерката Меј против Руската Федерација, нашата целата земја, нашиот народ – се налудничави. Британија не даде ниедна информација, ниеден детал кој може да ја расветли ситуацијата“, рече Захарова истакнувајќи дека Лондон воопшто не одговорил на официјалното барање од Москва за соработка, како и дека воопшто Британците не поднеле официјално барање до руската страна за информации.
Џонсон, од друга страна најави дека покрај санкциите коишто ги најави Меј, би можело да има и последици за богатите Руси кои имаат капитал во Британија. Можно е полицијата да го испитува потеклото на имотот и да приведе поради корупција богаташи кои наводно се директно поврзани со Владимир Путин, кои богастството го стекнале поради врски со него, вели Џонсон во интервјуто за BBC. Додава дека агенцијата за економски криминал веќе истражува голем број поединци, но одбил да ги наведе нивните имиња.
Џонсон, исто така, најави дека примероци од отровот создаден во советските времиња од воените тајни служби наречен „новичок“, за кој Меј рече дека или Москва намерно го употребила за „напад врз Британија“ или ја загубила контролата над него, ќе бидат испратени до Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW).