Легендата на Барселона и еден од најдобрите играчи за врска од средниот ред во историјата на фудбалот, Андрес Иниеста, по 22 години поминати во клубот од Каталонија би можел да го напушти Камп Ноу. Оваа вест ја пренесе официјалниот сајт на каталонскиот клуб.
Искусниот плејмејкер се уште размислува за неговата иднина во фудбалот и изјави дека ќе остане во Барса само ако може да го даде својот максимум за тимот.
„Се уште не сум 100% одлучен дали си заминувам. Доколку останам, ќе биде бидејќи се уште можам да дадам 200% на натпреварите. Ако си заминам, ќе биде затоа што не можам да дадам толку колку што клубот заслужува. Тоа е единствениот сомнеж кој го имам“, изјави Иниеста.
Дон Андрес потенцираше дека во наредните две години ќе биде многу тешко за него да се избори за место во првиот тим, со оглед на супер квалитетните засилувања што клубот ги донесе, па така верува дека Кутињо е одлична замена за него, со оглед на тоа дека ги поседува сите потребни квалитети.
Шпанецот исто така потенцираше дека никогаш нема да игра против каталонскиот гигант ако се одлучи да го напушти ова лето.
„Ако си одам од Барселона, тоа ќе биде во клуб со кој нема да можам да се сретнам и да играм против Барса, ветувам дека никогаш нема да играм против нив“, додаде Дон Андрес.
Во меѓувреме Иниеста доби вртоглава понуда од Кина од засега непознат кинески клуб, има рок до 30 април да одлучи дали ќе прифати двегодишна соработка според која би заработил 70 милиони евра.