Шефот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, изјави дека вчера албанските сепаратисти, како што ги нарече, се обиделе на брутален начин, со насилство и терор да го заземат северот на Косово.
„Тоа за мене не се полицајци, туку е разулавена терористичка банда“, рече тој.
Џуриќ додаде дека припадниците на полицијата го влечеле како куче, го тегнеле за вратоврската по улица обидувајќи се да го понижат.
„Се обидеа да ме понижат. Освен удари, набивање на главата на колениците и правење селфија, се обидоа да ме заплашат набивајќи ми калашников во стомакот. Еден од нив извлече и нож. На патот кон Приштина викаа ‘Алах акбар’“, ракажа директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија
Според неговите зборови, кога го извадиле од транспортерот и го воделе низ улиците во Приштина, целта била да го стават во некој подрум.
„Да не беше еден повик од Белград, насилството во Митровица и теророт над Србите ќе продолжеше. Фала богу, заврши“, рече Ѓуриќ
Ѓуриќ вчера во Приштина беше приведен, за време на неговата посета на Косово. Косовските власти образложија дека тој нелагално ја преминал границата, додека српските велат дека посетата на Ѓуриќ била уредно и навремено пријавена. Дел од косовските медиуми напишаа дека апсењето на Ѓуриќ го нарачал косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, со цел да го понижи.
Европската претставничка Федерика Могерини најави вонредна средба вечерва со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, откако вчера ЕУ официјално апелираше на разум и смиреност.