Прилеп уште еднаш докажа дека е помеѓу една од топ 10-те дестинации за болдеринг во светот. Вчера и денеска на локалитетот „Скаменета Баба“ по 8-ми пат се одржа Крали Марко болдер фестивалот на кој учество зедоа качувачи од повеќе држави. Прилеп стана вистинска хит дестинација за болдеринг кога љубителите на овој спорт ги открија уникатните карпи од вулканско потекло кои се наоѓаат во целата околина на градот започнувајќи од локалитетот „Скаменета Баба“, преку ридот „Маркови Кули“, па се до Трескавец.
„Прилеп веќе си го најде местото на болдер мапата на Европа. Може да се забележат луѓе од цела Европа па и подалеку како доаѓаат тука да се искачуваат по карпите околу Прилеп, особено на локалитетот „Скаменета Баба“, па се до Марковите кулии и Трескавец“. Се надевам дека оваа приказна за развојот на алтернативните спортови во Прилеп ќе продолжи со засилено темпо и во иднина“, рече Ристо Белокапоски, организатор на настанот.
Инаку болдерингот е качување на мали карпи, со висина од 3 до 5 метри, без никаква опрема. Качувачите ја употребуваат само својата физичка сила и психичката подготвеност.
„Го одбрав болдерингот затоа што ми дава некој мир, ме исполнува. Особено после работа е совршена релаксација. Со овој спорт се занимавам 5 години и ќе продолжам и во иднина“, вели Тошко Митрески, учесник од Македонија.
Покрај болдерингот Прилеп се најде на многу рекламни видеа за овој спорт ширум светот и во многу специјализирани списанија. Годишно Прилеп го посетуваат стотици љубители на овој спорт од странство. Тие се се восхитени од природата и можностите за развој на овој адреналински спорт. Со тоа Прилеп наголемо го развива тој т.н. алтернативен или спортски туризам.
„Тука сум веќе по 6-ти пат. Болдерингот во Прилеп е закон, супер е, има многу карпи за качување, ми се допаѓаат и луѓето, храната и целиот овој амбиент кој го има тука, затоа се враќам постојано тука. Тука има многу болдери, односно карпии кои ги чистиме и подготвуваме за освојување и качување“, вели Бојан Хриберник, учесник од Словенија.
„Дојдовме од Словенија за првомајските празници, тука сме една недела и сега останавме уште некој ден за да учествуваме на овој фестивал. Пола од нашата екипа се за прв пат тука, а половина често доаѓаме. Местото е одлично“, кажа Наташа Ржак, учесник од Словенија.
Освен болдерингот Прилеп негува уште една адреналинска дисциплина а тоа е одењето по трака на голема височина.
Организаторите на Крали Марко болдер фестивалот очекуваат дека наредниот фестивал ќе привлече уште повеќе посетители, но и дека ваквите настани кои многу значат за промоција на Прилеп и Македониија ќе бидат и соодветно финансиски покриени како од Општина Прилеп така и од државата.