Според некои статистики за 20-тина години Македонија ја напуштиле над 600.000 луѓе. Секој од нас има некој пријател, другар или роднина кој заминал во странство. Се поставува прашањето дали Македонија станува држава на мигранти. Поточно – „Дали и ти си мигрант ?“ Ова беше насловот на изложбата на уметникот Дарко Талески од Прилеп кој темата со мигрантите ја претстави од еден поинаков агол, започнувајќи со приказната на братучедата на неговиот дедо која станува позната глумица и од Софија заминува да жиивее во Палестина.
„Сакав да го поставам прашањето на каков начин можеме ние да сочувствуваме со сите нив затоа што ако ние се вратиме во минатото или во сегашноста ќе најдеме некој близок кој што исто така поради различни причини, економски, политички или воени во минатото заминал некаде, го напуштил своето родно огниште“, вели Дарко Талески, уметник.
Ферди Булут од прилепско Канатларци ја раскажа приказната за масовното иселување на Турците од Македонија во 50-тите години од минатиот век.
„Браќата и сестрите од дедо ми се во Турција, Измир и сеуште живеат таму“, кажа Ферди Булут, уметник.
Сите 5 уметници ја раскажаа нивната лична приказна.
„Раскажувам кратка приказна за замиинувањето на мојот брат кој што замина на свои 17 години и не се врати во Македонија потоа цели 12 години“, изјави Јасмина Руневска, уметник.
Нема Македонец кој не носи болка во душата од иселувањето.
„Не се само економските причиини. Ќерка ми беше вработена кога замина и земаше прилично добра плата. Но сакаа да заминат на место каде ќе нема политика и каде ќе се ценат вредностите“, вели Лепа Милошеска, уметник.
Уште колку луѓе ќе ја напуштат Македонија и дали ќе престане да се одмотува ова клопче ќе зависи од многу причини.