Иран денеска повторно почнува со збогатување ураниум

Иран денеска ќе ја информира надзорната агенција на ОН во Виена дека започнува процес за зголемување на сопствените капацитети за збогатување на ураниум.

 

Ова за иранската агенција ИСНА го изјавил портпаролот на Организацијата за атомска енергија на земјата Бехруз Камалванди.

 

„Во писмо кое ќе биде предадено до Меѓународната агенција за атомска енергија Иран ќе објави дека процесот за зголемување на капацитетот на производство, на UF6 (ураниум хексафлорид) ќе почне во вторник“, порача Камалванди.

 

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, во понеделникот нареди зголемување на нуклеарните капацитети и вети дека земјата ќе ја зачува својата нуклеарна програма и покрај повлекувањето на САД од пактот од 2015 година. Иран соопшти дека сега кога САД се повлекоа од договорот, има опција за продолжување на збогатувањето на индустриското ниво.

 

„Нашите непријатели организираа економска и психолошка војна против нас и новите американски санкции се дел од тоа. Техеран ќе нападне 10 пати посилно ако биде нападнат од непријатели. Непријателите не сакаат независен Иран во регионот. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме угнетените нации“, рече ајатолахот Хаменеи на собирот за одбележување на 29-годишнината од смртта на иранскиот револуционерен лидер, ајатолахот Рухолах Хомеини.

 

Со договорот Иран беше строго ограничен во збогатувањето на ураниумот во замена за укинување на американските и меѓународните санкции.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien