ВИДЕО – Со „Ничија земја“ на МНТ вечерва во Прилеп започна 53-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Со претставата „Ничија земја“ на МНТ вечерва во Прилеп започна 53-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.  Во наредните 8 дена публиката ќе може да погледне 12 претстави во официјалната конкуренција и 5 претстави во придружната програма. За време на театарските денови се планира да се одржат и 2 трибини. Едната посветена на критиката во театарот, а другата трибина ќе биде за употребливоста и колку се искористени драматурзите во сите театари во Македонија.

 

 

„ Задоволство ми е да кажам дека вечерва почнува 53. издание на фестивалот„ Војдан Чернодрински“ и ќе имаме радост 8 дена да уживаме во претставите од Македонија, во најдобрите претстави, со преполни сали и целиот град ќе се радува, а исто и јас со нив“, рече уметничкиот директор на фестивалот Катарина Хаџи Василева Коцевска.

 

Оваа година наградите за животно дело ги добија актерот Петар Арсовски и композиторот Љупчо Константинов.

 

„ Морам да кажам дека сум среќен, дека наградава многу ми значи. Тамам кога мислев дека сум завршил со кариерата и дека сум заборавен, доаѓа едно признание од моите колеги, кои покажуваат дека не ме заборавиле, дека се уште сум жив, како на сцена, така и во нивните сеќавања, а така и кај публиката“, вели актерот Петар Арсовски, добитник на наградата за животно дело.

 

„Не знам дали е прерано или предоцна веќе, наградата секогаш е поттиг. Јас мислам и понатаму да работам, да бидам посветен на она што го работам, а тоа е сценска музика, применета музика, музика за театар, филм, телевизија и да се заблагодарам на сите режисери досега кои ја искажаа својата доверба и ме ангажираа во нивните проекти. Да се радуваме на чинот на создавање на театарска претстава, филм, телевизиска драма, телевизиски филм, серија итн“, рече композиторот Љупчо Константинов, добитник на наградата за животно дело.

 

Од жирито порачаа дека ќе бидат праведни и точни во оценувањето.

 

„Прво очекувам убаво да се дружиме, убави претстави, дружба со публиката прилепска. Многу ми е драг овој фестивал, имам овде земено неколку награди, а еве дојде ред и јас да поделам некоја награда. Сигурно ќе бидам праведен и точен во оценувањето, така да мислам дека прво ќе имаме убави претстави, а второ има добро жири, од кое што мислам дека ќе биде задоволна и публиката и актерите“,  изјави Драган Спасов – Дац, член на жирито.

 

За прилепчани овој фестивал е вистинска гордост. Во наредните 8 дена градот ќе живее со и за уметноста.

 

„Денес е голем ден за Прилеп, затоа што почнуваат 53. по ред театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Ова е традиција на Прилеп, која што со години ја негува овој град. Мислам дека театарската уметност во Прилеп живее години наназад, а тоа ќе продолжи и понатаму. За нас, прилепчани, овој фестивал претставува еден голем напредок за уметноста и културата во Прилеп. Со години наназад тоа го правиме во Прилеп, се надевам дека и идните генерации тоа ќе го доживуваат на ваков начин. Прилеп секогаш бил уметнички град, културен град, тоа и понатаму ќе се случува“, Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Фестивалот продолжува утре со „Доктор Фауст“ од битолскиот театар и „Клетници“ во изведба на народниот театар од Прилеп.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.