Напнато пред почетокот на Г-7

Американскиот претседател, Доналд Трамп, свесен дека на самитот Г-7, што денеска почнува во Канада, би можел да се најде на мета на светските лидери, почна да ја применува тактиката „нападот е најдобра одбрана“.

 

Со таа идеја тој објави низа пораки на Твитер во кои директно го прозва домаќинот на Самитот, канадскиот премиер, Џастин Трудо.

 

Трамп оцени дека Трудо бил „гневен“ кога одлучил да ги коментира односите меѓу Канада и САД, додавајќи дека Канада ѝ нанесува штета на американската економија заради цената на млечните производи.

 

Исто така, Трамп малку се врати низ историјата и потсети на палењето на Белата куќа во 1814 година, за време на војната меѓу Американците и Британците. (Стенува збор за војна што почнала 1812 година, во која американските сили настојувале да ги освојат британските колонии на просторот на денешна Канада. За време на војната запалена е и Белата куќа).

 

Како што пренесува Си-Ен-Ен, Трамп на канадскиот премиер му се обратил со зборовите: „дечки, зарем не бевте вие тие кои ја запалија Белата куќа?“

 

Пред твитер офанзивата на Трамп, канадскиот премиер американските тарифи ги нарече „навредливи“ порачувајќи му на Трамп да не ја заборава големата поврзаност меѓу Канада и САД, нагласувајќи дека ова им нанесува штета на двете земји.

 

Значително поостри зборови беа искажани од претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој пред почетокот на Самитот порача дека ако на Трамп не му пречи изолацијата, тогаш „можеби Г-7 треба да станат Г-6.“

 

„Ако Трамп сака да биде изолиран, шесте други држави ќе потпишат сопствен договор доколку е потребно, бидејќи овие шест земји претставуваат вредности, тие претставуваат економски пазар кој има историска тежина и кој сега е вистинска меѓународна сила“, напиша Макрон на „Твитер“.

 

Самитот на Г7, кој ги опфаќа Канада, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Јапонија и Германија, започнува денеска во градот Ла Малбај во Квебек.

 

Трамп, кој се очекува да биде последен што ќе пристигне и прв што ќе замине, наметна тарифи за челик и алуминиум, што предизвикаа остри реакции од трговските партнери. Но покрај за наметнатите царини и тарифи, лидерите би можеле да се судрат и за нуклеарниот договор со Иран и климатските промени.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien