Првпат после децении полемики и дискусии Премиер лига ќе здивне во зимскиот период. Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) верува дека оваа одлука ќе и помогне на репрезентацијата да биде успешна на идните Светски и Европски првенства.
Раководните луѓе на ФА се договориле да ја префрлат петтата рунда од ФА Купот во работна недела наместо за викенд како и да ги скратат повторените дуели ако меч од 5. коло во ФА Купот заврши нерешено како што беше досега. Притоа едно коло од Премиер лигата ќе се помести преку два викенди што значи дека Премиерлигашите ќе добијат двонеделен одмор во февруари – нешто што одамна го има во другите европски лиги.
„Долги години зборувавме за овие промени но немаше услови за соработка каква што има денес. Беше потребна силна ФА за да може да ги помести терминити“, вели Мартин Глен, извршен директор на фудбалската федерација и додава дека репрезентативците на Англија ќе бидат добро одморени за Европското 2020 а англиските клубови ќе имаат свежи играчи за Лига на шампиони.
Новогодишните и Божиќните кола ќе се играат и натаму затоа што тоа е традиција долга неколку децении и плус се атрактивни за носителите на ТВ права.
Едно истражување на УЕФА објавено во 2013 покажало дека четири пати е поголема веројатноста играч да се повреди во последните три месеци од сезоната во Премиер лигата отколку во истиот тој период во други Европски лиги.