Трамп и Ким потпишаа историски договор

Во договорот потпишан во Сингапур, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун „ја потврди неговата цврста и непоколеблива заложба за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, додека американскиот претседател Доналд Трамп „се обврза на безбедносни гаранции“ за Пјонгјанг.

 

„Ќе ја денуклеаризираме Северна Кореја“, изјави Трамп.

 

Трамп изјави дека е убеден дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун “ќе се придржува” до документот.

 

„Мислам дека никогаш не сум имал доверба во некој претседател како што имам сега, дека постои желба и способност да се завршат работите“, изјави Трамп, говорејќи за тоа дали му верува на севернокорејскиот лидер на ветувањата дека ќе го исполни договореното.

 

Трамп изјави дека не биле издадени никакви ултиматуми и дека договорот е резултат на неколкумесечни преговори.

 

„Можевме да завршиме во војна, во која можеше да има милиони жртви – добро ја знаете Северна Кореја, само Сеул има 28 милиони жители. Можеше да завршиме со милиони жртви, но склучивме договор. Ќе ги прекинеме и воените вежби кои чинат многу пари, а ја провоцираат Северна Кореја“, рече тој.

 

Би Би Си објави дека Декларацијата има четири клучни точки:

 

-Соединетите Држави и Демократска Народна Република Кореја се обврзуваат да воспостават нови односиво согласност со желбата на народите на двете земји за мир и просперитет.

-САД и КНДР ќе се приклучат на напорите за изградба на траен и стабилен мировен режим на Корејскиот полуостров.

-Потврдувајќи ја Декларацијата од 27 април 2018 година, КНДК се обврзува да работи на целосната денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

-Соединетите Американски Држави и КНДР се обврзаа да ги идентификуваат останките од оние кои починале како воени затвореници во двете земји, вклучувајќи и враќање на останките на веќе идентификуваните.

 

Трамп подоцна пред новинарите изјави дека постојните американски санкции ќе останат на сила се` додека нуклеарното оружје на Северна Кореја „не е повеќе фактор“.

 

Во врска со човековите права, Трамп рече дека на средбата кратко било разговарано за темата, но дека двете страни за тоа ќе разговараат повеќе во иднина.

 

По средбата Трамп и Ким изразија меѓусебна благодарност. Трамп рече дека ќе го покани Ким да ја посети Белата куќа и е отворен за посета на Пјонгјанг.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien