ВИДЕО – Нови уписи во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ и лето исполнето со голем број активности

Во моментов во тек се уписите за нови членови во сите возрасни категории во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“. Категориите се веќе познати : мала група од 5 до 11 години, потоа средна група од 12 до 15 години и голема група над 15 години. Новина ќе биде тоа што се отвора можноста за упис на повозрасни членови кои имаат желба во своето слободно време да се занимаваат со аматерски театар.

 

 

„Ова лето со секоја група си продолжуваме по наставната програма. Следните групи во зависност од нивната напредност ќе работат различнми техники, како театар на сенки, Мајснер, големите групи ќе работат Мерхоф, биомеханика, физички театар, со малите ќе работиме нешто посериозно, а доколку има повозрасни со нив ќе почнеме од основите, па понатаму. Досега сме имале побарување од повозрасните лица, но тој број бил минимален од 2 до 3 лица. Но со толку мал број нема да биде продуктивно и се надеваме доколку се формира некоја група од 5 до 6 лица минимум дека ќе успееме да го вратиме аматеризмот во Прилеп. Бидејќи возрасните се оние кои го започнале аматеризмот во Прилеп, а овој пат се надеваме дека ќе има и поголем интерес бидејќи во летниот период луѓето се најчесто и послободни“, вели Саша Нацевски, училиште за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

Членовите на „Чин 4 Сцена 5“ ова лето ќе имале и повеќе учества на меѓународни фестивали.

 

„Наредните завршни претстави годинава, односно овој семестар кој го нарекуваме летен ќе бидат во средината на сепрември или почетокот на месец октомври. Ова лето сме во преговори за гостување на неколку фестивали. Во август ќе одиме на Хвар на нивното културно лето, каде ќе учествуваме со средба В група. Со средна А и Б група ќе гостуваме во Витез во БиХ со претставата која ќе ја работиме ова лето. А со големата група во почетокот на септември ќе гостуваме на фестивалот во Ниш, со претстава која исто така ќе ја работиме ова лето“, додаде Нацевски.

 

Нацевски вели дека исто така оваа есен планирале да организираат и меѓународен аматерски театарски фестивал во Прилеп.

 

„Се надеваме дека овие гостувања и контакти кои ги остваривме оваа година ќе продолжат и ќе опстојат така што и тие аматерски театарски трупи низ Балканот и пошироко оваа есен ќе ни дојдат каj нас и ќе организираме еден меѓународен театарски фестивал за прв пат оваа година и се надеваме дека во иднина ќе биде традиционален. Досега учество ни потврдија гости од Хрватска, БиХ, Романија и Унгарија. Моментално преговараме со гостите од Србија. И исто така планираме да ги поканиме победниците на годинешниот драмски аматерски фестивал во Кочани, а тоа е битолската театарска трупа од „Интимен театар“. Ќе има околу 150 учесници на овој фестивал“, потенцира Нацевски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.