Повеќе од 68,5 милиони лица во светот се присилно раселени

Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека минатата година бројот на присилно раселени лица од војни, прогон и насилство достигнал рекордно ниво од 68,5 милиони лица, а повеќе од две третини од бегалците доаѓаат од пет држави.

 

Во извештајот на УНХЦР, Глобални трендови за раселување за 2017-та година се наведува дека околу 25,4 милиони бегалци побарале заштита во други земји.

 

Минатогодишниот рекорден број на раселени лица е речиси за три милиони повеќе отколку во 2016-та година, и претставува најголемо зголемување за период од една година. Од Агенцијата за бегалци велат дека големите кризи како раселувањето на околу 700.000 бегалци Рохингја од Мјанмар во Бангладеш, ескалација на конфликтите во Јужен Судан и Конго, влошувањето на условите во Венецуела придонесуваат за порастот.

 

Високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди вели дека 85 отсто од бегалците стасале во сиромашни држави кои едвај се грижат за сопственото население.

 

„Ова треба да биде елемент кој ќе помогне за отфрлање на претставата која е распространета во многу држави. Дека бегалската криза, е криза во развиениот свет. Тоа не е вистина. Оваа криза главно е во сиромашниот свет. Лица од сиромашни држави се преселуваат во сиромашни држави или се раселени во сопствената држава“, вели Гранди.

 

Податоците покажуваат дека повеќе од две третини од бегалците во светот доаѓаат од пет држави. Сирија се наоѓа на врвот на листата, по што следат Авганистан, Јужен Судан, Мјанмар и Сомалија. Во извештајот се вели дека Либан има најголем број на бегалци во однос на бројот на население во државата. Но, четврта година по ред Турција е дом на најголем број бегалци во светот, 3,5 милиони лица, главно Сиријци.

 

Од УНХЦР минатата година забележале пад од 40 проценти во бројот на држави кои сакаат да прифатат преселување на бегалци. Во САД биле поднесени повеќе од 1,7 милиони барања за азил, по што следат Германија, Италија и Турција.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.