55 години Интернационален Скулпторски Симпозиум „Мермер“ Прилеп – еден од првите во светот

Во недела стартуваат Интернационалните ликовни работилници – Интернационална сликарска колонија, Интернационалниот скулпторски симпозиум „МЕРМЕР“, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално атеље за скулптура во метал и Интернационално атеље за уметничка фотографија на Центарот за современа ликовна уметност Прилеп (ЦСЛУ).

 

Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 55 годишното опстојување на Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер, кој започнал од 1963 година и трае се до денес. Овој јубилеј ќе биде одбележан на 29 јуни.

 

Во  симпозиумот оваа година ќе земат учество Giuseppe Strano Spitu – Шпанија, Марина Стопоња – Хрватска, Татјана Каравелиќ – Србија, Милија Стојановиќ – Црна Гора, од Македонија Давид Атанасоски и Никола Смилков, кој е дел од организацијата на 55-тиот Интернационален скулпторски симпозиум „МЕРМЕР“.

 

„Кога се говори за историјата и почетоците на  Интернационалните скулпторски симпозиуми, тогаш неизбежно е да се спомене Движењето на Интернационалниот Скулпторски Симпозиум предводено од  Карл Прантл во Австрија во 1959 година. Оваа иницијатива се зголемува заедно со појавата на потребата од  полесна комуникација и размена  помеѓу меѓународната скулпторска заедница. И така првиот Интернационален Скулпторски Симпозиум се одржува во напуштен каменолом во Санкт Маргаретен во Бургенланд, каде се собираат скулптори од целиот свет за да создадат постојано јавно уметничко творештво од локален камен, динамика која ќе обезбеди модел за многу Симпозиуми кои следат.  Од тогаш наваму се одржуваат скулпторски симпозиуми во многу градови низ целиот свет, а ние можеме со гордост да потенцираме дека токму нашиот Интернационален Скулпторски Симпозиум „Мермер“ – Прилеп е еден од првите во светот , поточно во 1963 година, шест години по формирањето на првата Интернационална Сликарска Колонија, се појавува  желба  како и потреба за организирање на нова ликовна манифестација во Прилеп. Низ манифестацијата во текот на овие 55 години имаат поминато  164 скулптори од  Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија, Романија, Унгарија, Полска, Баку,  Русија, Португалија, Германија,  Швајцарија, Шведска, Холандија, Англија, Франција,  САД, Јапонија, Аргентина, Канада, Австралија и Израел“, велат организаторите од ЦСЛУ.

 

Во Интернационалното атеље за скулптура во метал годинава ќе учествува нашиот скулптор Маријан Стојаноски, додека Интернационалната сликарска колонија со дела  ќе ја збогатат сликарите Ивана Настевски, Ѓоко Антониев, Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски, Лепа Милошеска, Елизабета Макеска, Александра Богоеска, Анита Сотироска, Верче Николоска, Маја Најдоска, Емилија Ѓорѓиоска, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ, а во Интернационалното студио за уметничка фотографија ќе творат Јане Темелковски и Божидар Барлакоски. На Интернационалното студио за пластика во дрво  ќе твори Методи Исков, а изненадување ќе биде  реализацијата на идејата на нашиот прилепчанец Емил Димоски.

 

 

Творците ќе имаат 10 дена уметничко дружење и творење. Десет дена уметност која останува и ќе ги потсетува наредните генерации за постоењето на ЦСЛУ.

 

Инаку главни виновници за постоењето на ЦСЛУ се проф. д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозановски и нивната идеја и желба да се внесе ликовната уметност во средината во која живееме. Идејата се родила есента 1956 година, за да конечно се реализира 1957 година, со формирањето на Центарот за современа ликовна уметност и во негови рамки првата ликовна манифестација во Прилеп, сега веќе една од најстарите ликовни колонии на Балканот и во Југоисточна Европа.

 

„Центарот се развива со текот на годините за да на крај се претвори во угледна општествена организација во земјава и надвор од неа. Колекциите на ЦСЛУ во Прилеп, овозможуваат избор на најразновидни експозиции од областа на сликарските и вајарските дисциплини. Творците од различни ликовни средини од земјава, Европа и другите континенти, во текот на годините завреме на летните сеанси создаваат творби со кои ја збогатуваат ликовната уметност и ризницата во Прилеп. Покрај творењето за нас важна е и комуникацијата и дружењето на ликовните творци од различни културни средини и од наша страна пријателскиот однос кон уметниците и презентацијата на богатствата на Р. Македонија по кои ќе не паметат. Ова ни дава за право да кажеме дека ликовните атељеа во овој извонреден творечки амбиент, овозможуваат експериментирања и истражувања со цел да се дојде до нешто ново, што ќе се вклучи во општите сликарски токови и ќе биде дел од светската современа ликовна уметност, придонесувајќи за тамошниот нејзин развој. Во текот на нашето постоење се стремиме кон зголемување на консументите на културниот производ, како и регрутирање на нови консументи меѓу младата популација, и се залагаме за целосна заштитана културните објекти“, потенцираат од ЦСЛУ.

 

 

 

Основни податоци за работилниците:

 

Интернационална сликарска колонија

 

  • Основана 1957 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ и академскиот сликар Ристо Лозаноски, се одржува  во континуитет

 

Интернационален скулпторски симпозиум – “МЕРМЕР“

 

  • Основан во 1963 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ, се одржува во континуитет

 

Интернаионално студио за пластика во дрво

 

  • Основано во 1971 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ , се одржува во континуитет

 

Во 1974 година овие три манифестации влегуваат како дел од новоформираниот Центар за современа ликовна уметност –Прилеп (ЦСЛУ-Прилеп), а од 1980 година до денес,  ЦСЛУ-Прилеп делува како посебен правен субјект.

 

Интернационално атеље за витраж

 

  • Основано во 1975 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ, се одржува повремено

 

Интернационална работилница за керамика

 

  • Основана во 1975 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ, се одржува повремено

 

Интернационално атеље за уметничка фотографија

 

  • Основано 1978 година на иницијатива на д-р. Бошко Бабиќ, се одржува повремено

 

Интернационално атеље за графика

 

  • Основано во 1981 година на иницијатива на Диме Јанески долгогодишен раководител на ЦСЛУ-Прилеп, се одржува повремено

 

Интернационално атеље за мозаик

 

  • Основано во 1982 година на иницијатива на Диме Јанески долгогодишен раководител на ЦСЛУ-Прилеп, се одржува повремено

 

Интернационално атеље за скулптура во метал

 

  • Основано во 1984 година на иницијатива на Диме Јанески долгогодишен раководител на ЦСЛУ-Прилеп, се одржува во континуитет

 

Интернационално студио за пластика во пластика

 

  • Основано во 2004 година на иницијатива на Диме Јанески долгогодишен раководител на ЦСЛУ-Прилеп и академскиот скулптор Предраг Јаневски, се одржува повремено

 

Интернационално студио за меил-арт

 

  • Основано во 2015 година на иницијатива на Горан Ристески раководител на ЦСЛУ-Прилеп, се одржува во континуитет

 

 

Во текот на постоењето ЦСЛУ имал учесници од : Македонија, Србија, ЦрнаГора, Хрватска, Словенија, Босна, Австрија, Полска, Израел, САД, Белгија, Унгарија, Русија, Бугарија, Франција, Швајцарија, Англија, Норвешка, Јапонија, Романија, Германија, Шведска, Италија, Финска, Португалија, Грција, Мексико, Сенегал, Алжир, Ирак, Турција, Австралија, Куба, Аргентина, Албанија, Кипар, Кина, Малезија и Египет. Во посебните многубројни признанија кои ги доби ЦСЛУ за својата работа, посебно место имаат неговите збирки кои високо се оценети во македонски и меѓународни рамки.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien