Лидерите на ЕУ постигнаа договор околу мигрантите

Лидерите на 28 земји-членки на ЕУ доцна синоќа постигнаа компромис за мигрантската криза. Според предлогот, земјите на ЕУ врз доброволна основа ќе дозволат затворени центри на нивна територија за процесуирање на мигрантите. Движењето на мигрантите ќе се ограничи, а разгледувањето на барањата за азил ќе биде на доброволна основа.

 

Мигрантите кои би биле спасени на море, во согласност со меѓународното право, треба да бидат примени во “контролни центри во земјите-членки”, кои нив доброволно ќе ги отворат. Во овие центри, кои ќе имаат “целосна поддршка од ЕУ, ќе се раздвојат илегалните имигранти, кои ќе бидат вратени во своите земји, од оние на кои им е потребна меѓународна заштита.

 

За да се намали пак бројот на бродови кои доаѓаат во европските води, предложено е да се формираат платформи за истовар надвор од Европа за мигрантите спасени на море. Со овие платформи за истовар „ќе се разбие бизнис моделот на шверцерите на луѓе и ќе се спречи трагичната загуба на животи, елиминирајќи го поттикот да се тргне по опасен пат“, се вели во заклучоците.

 

Лидерите, исто така, се согласија за зајакнување на надворешните граници и зголемување на средствата за Турција, Мароко и за други земји од северна Африка за да се спречи илегалната миграција во Европа.

 

Постигнатиот компромис не вклучува договор за системот за азил, за кој не постои согласност меѓу земјите-членки на ЕУ, но претставува клучен, иако нецелосен одговор на прашањето кое во моментов најмногу ја дели Европската унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.