Тензично на Блискиот исток: Израел распоредува тенкови на границата со Сирија

Израелската армија соопшти дека поставува дополнителни тенкови и артилериски единици на Голанската висорамнина и по должината на границата со Сирија, како мерка на претпазливост поради засилените борби меѓу силите на Башар ал Асад и бунтовниците, притоа испраќајќи предупредување до сириската армија да бидат „што е можно подалеку“ од границата со Израел.

 

„Силите се поставени изутрината како дел од подготовките и зголемената готовност поради случувањата во Голанската Висорамнина“, објави израелската војска на Твитер.

 

Израелската армија нагласи дека ќе продолжи да не се меша во судирите во Сирија и дека ќе одговори одлучно против секаква повреда на суверенитетот на Израел и доколку е загрозен животот на Израелците. Во соопштението се наведува дека ќе продолжи хуманитарната помош за беглаците што доаѓаат до границата.

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборуваше за ситуацијата во Сирија на седница на Владата и нагласи дека Израел ќе продолжи да ги брани границите.

 

„Нема да дозволиме влегување на наша територија и бараме строго почитување на Договорот за раздвојување од 1974 година со сириската војска“, изјави тој, додавајќи дека е во постојан контакт со Белата куќа и со Кремљ, како и дека министерот за одбрана и командантот на армијата контактираат со нивните колеги во САД и во Русија.

 

Сепак, ситуацијата во текот на овој месец ќе биде прилично тензична затоа што операциите на сириската армија и руското воено воздухопловство сега се насочени кон југот на земјата, односно во близина на границата помеѓу Сирија и Израел.

 

Неодамна токму на Голанската висорамнина имаше сериозна ескалација на ситуацијата откако, како што тврдат израелските сили, ирански артилериски системи распоредени во Сирија започнале да изведуваат напади кон делови од израелската територија, по што следуваше масивен напад на израелското воено воздухопловство кое што ги збриша од земјата сите непријателски воени формации.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien