Ноќ на евергрини исполнета со познати рефрени, танци, емоции и позитивна енергија

Во неделата, под градската Саат–кула, Јавен Простор Прилеп го организираа првиот од неколкуте планирани градски концерти. За преубавата носталгична атмосфера, за ноќта полна со емоции, познати рефрени, случајни и намерни танци се погрижија нашите сограѓани Добрила Грашеска (вокал) и Илија Чакароски (гитара), кои специјално за оваа пригода подготвија репертоар исполнет со македонски евергрини.

 

Концертот, испреплетен со градски муабети, пораки, шеги… многу брзо се претвори во голема градска игранка, на која сите гласно ги потпевнуваа “Чија си”, “Празно е се без оваа љубов”, “Си зедов дама родена (ѕма, ѕма, ѕм)“, “Штом се сака” и многу други. Прилеп тие неколку часа се претвори во еден групен граѓански хор и, кој постарите ги врати во нивната младост, а помладите покажаа дека старите македонки евергрини, воопшто не им се туѓи.

 

Стотиците присутни граѓани искусија вистинско музичко уживање и на дружбата, заедничкото пеење и играње како да немаше крај. Тоа беше вечер во која како и самиот град да се присети како му било некогаш. Вечер за која, нашата Саат–кула сигурно би рекла: “Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува Саатот жали и вика …„Ах…””.

 

Звонко Димоски од Јавен простор нагласува дека многу е радосен за важната порака што ја испратија сите граѓани, односно дека сакаат Прилеп кој е насмеан, распеан, релаксиран, достапен. Потенцира колку е важно што сите заедно покажавме дека Прилеп има публика за градски и културни настани и се надева дека сите заедно можеме и имаме шанса да го менуваме градот.

 

Ова се дел од коментарите за Ноќта на евергрини, кои граѓаните ги оставаа на фб–страната на Јавен Простор Прилеп.

 

“Не запирајте. Продолжете и понатаму со исто темпо. На Прилеп му треба нешто во ваков стил, каде што нема старосна граница.”

 

“Убавина, шарм, емоција, заедништво… Уживање беше да се гледаат посебно младите како танцуваат и пеат македонски евергрини.”

 

“Журката во Прилеп со Добрила Грашеска и Илија Чакароски, пуздер правела сношти кај Саатот. Пуздер го прави и фб тајмлајнот со убавина, среќни и насмеани лица. Фала Јавен Простор Прилеп. Ова е тоа, не застанувајте!”

 

“Некои не веруваат дека е можно да се создава поубав Прилеп. Некои го создаваат на свој начин и не престануваат да веруваат.”

 

“Драги сограѓани и сограѓанки, уште еден доказ дека заедно сме посилни, доста е од црни теми и сопки едни на други. Само напред за подобро утре, и што повеќе распеани, радосни и исполнети со љубов лица.”

 

“Просторот околу Градскиот саат е измислен за вакви настани, но штета е што не се искористува доволно. Се надевам дека ќе има повеќе вакви во иднина.”

 

“Најдобра забава што спонтано се случи за сите генерации”

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien