„Врвовите се тие што нас не привлекуваат и освојуваат. А ние само се обидуваме да ги искачиме и да се поколониме пред нив“. Ова беше првата реченица на претседателот на ПК „Мамути“ од Прилеп, Владимир Јованоски, кога го правевме најновото интревју околу неговиот подвиг за искачување на на највисокиот врв во Австрија – Гросглокнер. Врвот Гросглокнер е висок 3798 м.н.в е и највисокиот врв во Австрија на Алпите кој изобилува со доста прекрасни места, природа, зеленило и доста остри врвови околу него. Јованоски истакна дека и искачувањето и спуштањето од врвот биле доста ризични поради лошите временски услови.
Како дојде до идеја за искачување на највисокиот врв во Австрија – Гросглокнер ?
Идејата за да се дојде до искачување се роди уште пред заминувањето за Елбрус, кога погледнав слики по социјалните мрежи како изгледа врвот, дека е малку адреналински врв, со алпинистички делови, доста стрмен и интересен. Од Прилеп бев сам, а од Македонија ми се придружи и колега од Велес со кого заедно заминавме за Србија за да се приклучиме на клубот „Предејане“ и водичот Зоран Павловиќ кој и беше наш организатор.
Каде прво се сместивте во Австрија ?
После 12 часовно возење низ Хрватска и Словенија стигнавме во австриското градче Калс, кое се наоѓа под самиот врв Гросглокнер. После препакување на целосната опрема со 20 килограмски ранец тргнавме кон домот Erzherzog-јohann hutte кој се наоѓа на висина од 3.454 м.н.в. Патеката до овај дом најпрво оди по широк пат за да како што се искачува нагоре се излегува на глечер од пукнатини и снег и последните 500 метри до самиот дом се преминува по искачување на карпи кои на места беа и обезбедени со заштитна сајла.
Што се случуваше при самото искачување до врвот и колку време траеше искачувањето ?
По сместување во домот и паузата за одмор наредниот ден во утринските часови, поточно во 6 часот и 30 минути, трнавме кон искачување на самиот врв. Најпрво патеката одеше по снег за да после едно часовно одење по таков терен се формира наврска и пред нас се издигна карпа и каде започна нашето адреналинско искачување и за прв пат да се испроба алпинизам. Искачувањето на тој дел беше доста тежок и ризичен за искачување од причина што не беше обезбеден со клинови и немаше места каде да се осигура наврската. После 3 часовно искачување конечно бевме горе на врвот, за прв пат за нашиот град, за нашата држава.
Какво беше чувството на покривот на Австрија ?
Чуството е незаборавно кога ќе помислиш низ што се си поминал предходно. На врвот се задржавме кратко, некаде околу 20 минути доволно за да имаме време да се сликаме и честитаме.
Дали беше ризично ова искачување ?
Поризично беше слегувањето од врвот отколку самото искачување. Првата помисла пред да тргнеме за назад ни беше како ќе се вратиме по тој лош терен и по тие карпи. За да биде уште полошо веднаш при тргнување за назад не завеа снег и магла што спуштањето од врвот го направи уште поризично, со влажни карпи кои се многу лизгави, а патеката не беше многу добро обезбедена. Со доста внимателност и осигурување на некои шилести карпи полека се симнувавме од тоа место за да после 3 часови спуштање конечно да стигнеме во домот на безбедно.
После кратка пауза во домот и спакување на остатокот од опрема што остана таму тргнавме со повторно спуштање долу во градчето Калс каде не чекаше превозот. Спуштањето од домот кон почетната точка траеше пократко од искачувањето, ако за искачување до домот ни беа потребни 8 часа за спуштање тоа време се преполови и стигнавме во 4 часа спуштање.
Која ќе биде ваша следна дестинација како планинарски клуб ?
Наша следна дестинација како Планинарски клуб „Мамути“ е на 23.09.2018 на Караниколички езера на Шар Планина, една прекрасна тура и на 29-30.09.2018 имаме искачување на највисокиот врв на Балканот Мусала 2.925 м.н.в во соседна Бугарија и посета на Рилскиот Манастир.