Француската влада под притисок на жолтите елеци ќе го суспендира законот за поскапување на горивата, кој доведе до насилни протести во Париз и во други големи градови изминативе три викенди, јавија локалните медиуми.
Протестите на таканаречените жолти елеци во меѓувреме прераснаа во општо незадоволство од економските реформи на претседателот Макрон. Протестите на први декември во престолнината Париз станаа насилни кога демонстрантите уништија делови од Триумфалната капија, а авенијата Елисејски полиња претпре големи штети. Според демонстрантите, од политиките на Макрон корист имаат само богатите и големите бизниси.
Како што пишува Paris Match, осум од десет Французи не ги одобруваат политиките на претседателот Емануел Макрон. Неговата популарност паднала на само 23% што е за шест процентни поени помалку отколку на почетокот на ноември, а два отсто помала од средината на минатиот месец и воедно претставува негова рекордно најмала поддршка.
Три лица загинаа, голем број се повредени, а десетици лица се изведени пред суд од почнувањето на протестите, кои резултираа со насилство и вандализам, при што беа оштетени и културно-историски споменици во Париз. Макрон дури размислуваше да прогласи и вонредна состојба за да се справи со најголемата криза во земјата во последните 50 години.