Францускиот претседател Емануел Макорн за попладнево свика вонредна средба со социјалните партнери во обид да се најде излез од кризата во земјата предизвикана со протестите на „жолтите елеци“. Како што најави Елисејската палата, по завршувањето на консултациите, вечерва Макрон ќе и се обрати на нацијата, при што ќе предложи „конкретни и итни мерки“ за надминување на состојбата со протестите.
„Во овој тежок момент, што го преживува нацијата, претседателот истовремено ќе се консултира со политичките, локалните, економските и социјалните сили со цел да ги чуе нивниот глас и предлози и со задача да ги мобилизира за акција“, се наведува во најавата на Елисејската палата за средбата.
Протестите на „жолтите елеци“ започнаа кон средината на ноември со блокади на патиштата поради најавеното зголемување на таксите за горивата, но изминативе недели во неколку наврати прераснуваа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, поради општо незадоволство од политиките на францускиот претседател.
Чекорите што ги разгледува владата се укинување на данокот за прекувремени работни часови, даночните намалувања и бонуси за работниците со ниски приходи на крајот од годината.
Министерот за финансии, Бруно ле Мер, во четвртокот рече дека владата може да одложи некои даноци на приходи, но изрази отпорот кон враќање на даноците за богатите или намалување на даноците за пензионерите, кои се дел од барањата на демонстрантите.
„Ние сме подготвени да направиме каков било гест што ќе донесе резултати”, изјави Ле Мер за радио РТЛ, посочувајќи дека мерките треба да се фокусираат на помагање на работничката класа.
Сепак според „жолтите елеци“, предлозите и мерките пристигнаа предоцна.
„Макрон мора да даде одговори. За жал, тие ќе стигнат предоцна. Некои од „жолтите елеци“ веројатно ќе бидат задоволни кога тој ќе ги претстави мерките, но многумина ја посакуваат неговата оставка. Веќе е предоцна, луѓето ќе останат на улиците“, категоричен е Тјери Пол Валет, претставник на „жолтите елеци“.
Најмалку 71 лице беше повредено во саботните протести во Париз. На последниот протест во главниот град на Франција имаше околу 136.000 луѓе, бројката беше сличнаа како и претходната недела. Речиси 1 000 луѓе се наоѓаат во притвор по протестот во главниот град на Франција.