ВИДЕО – Спиркоски : „Победа“ отпадна од Прва лига бидејќи немавме терен, сега без спонзор не се знае дали ќе почнеме и во Втора лига

Главната причина поради која „Победа“ отпадна од првата лига е тоа што немавме терен. Дури ниту Барселона или Реал три години да не играат на сопствен стадион, мислам дека и финансиски и бодовно нема да можат да го издржат тоа. Истакна на денешната прес конференција Миле Спиркоски, в.д. претседател на „Победа“. Според Спиркоски во изминатата сезона тимот преживеал вистинска голгота бидејќи буквално за секој натпревар како „Домашни“ требало да се моли за терен каде да игра. За три години клубот изгубил и 600.000 евра бидејќи играл постојано надвор од Прилеп.

 

 

„Тука потоа следи финансискиот издаток, мора да обезбедите автобус за да патувате, па редари, па обезбедување, па лица за носила, итн. и сето тоа создава еден издаток. Јас ќе кажам ориентационо колку клубот губеше годишно. Некаде од прилика за 19 утакмици кои ги одигравме на „домашен“ терен, не чинеше ориентационо околу 100.000 евра издаток. Ако го земеме тука опортунитетниот трошок, тоа е трошокот кој го губиме поради немањето на публика, значи ако во просек земеме по 4.000 публика, што за Прилеп е малку, имавме многу повеќе публика во куп натпревари, полуфиналиња, финалиња, натпревари одлучувачки за опстанок, по околу 8-10.000 гледачи. Земајќи го и тој податок дека тука по едно евро да ја земеме во просек картата, би изгубиле дополнителни 100.000 евра, значи финансискиот губиток на Победа е околу 200.000 евра секоја година.Три години се натпреварувавме, значи сме изгубиле некаде околу 600.000 евра, пари кои што тешко било кој клуб во Македонија би ги издржал. Вториот проблем при овие гостувања како домаќини, е тоа што ние ја изгубивме психичката поддршка од публиката, го немаше оној притисок кој што би го имале доколу утакмица се одлучува, без разлика дали за висок пласман или за опстанок, и точно ние во моментите кога најмногу ни беше потребно, кога клубот беше 4 место во есенскиот дел, ние веќе го губевме тој чекор кога немаш мотивација, кога немаш кој да те поткрени во спортскиот дел“, истакна Спиркоски.

 

Победа западнала и во тешка финансиска криза. Се намалил бројот на играчи, со месец април клубот бил во долг од околу 200.000 евра.

 

„Во овие два месеци кога преговаравме и кога ве известивме дека акционерите сакаат да се откажат од клубот, направивме некој договор за да не дојде да клубот престане да функционира уште во април месец. Продолживме и успеавме да го доведеме првенството до крај. Веќе уште тогаш се насетуваше дека ние тешко ќе обезбедиме опстанок во Првата лига, но човечки беше, се обидовме, и за волја на вистината, од разни причини, се до моментот на последната утакмица Победа – Силекс ние имавме некои натпревари несреќно изгубени, некои во знак прашање несреќно изгубени бидејќи кумуваа многу чудни судиски одлуки, на кои што клубот беше оштетен. Посебно на утакмицата со Силекс која што беше одлучувачка, но доста симптоматично за таа утакмица ако се сеќавате, и како гостински клуб игравме во Кратово, имавме реакции за судењето кога беше досуден пенал кој никој не го виде и јас реагирав до Емил Божиноски, кој ги делегира судиите, и од него добив уверување дека нема да се случи повторно неанимирани судии да судат одлучувачки натпревари, затоа што на тој натпревар го судеше судија кој небитно дали потоа добил санкција или не, клубот ништо не добива од тоа, но баравме ние, а и сите клубови, еден таков натпревар одлучувачки без разлика дали за прво место или опстанок, да го судат реномирани судии. Зошто на натпреварот во Турново , Победа – Силекс, кој што беше последна можност за Победа да се врати реално во живот, бидејќи имавме и заостаната утакмица и доколку тие две ги победевме, ние веќе бевме екипа за во бараж, а не за опстанок. Но на таа утакмица се случи една лакрдија, реагиравме, но до ден денес не добивме одговор зошто меѓународни судии не го судеа тој натпревар и ствараат сомнежи дека нешто не е во ред и најверојатно клубот поодамна бил отпишан“, додаде Спиркоски.

 

Фудбалерите пред крајот немале добиено 5-6 плати, а најголем дел од нив живееле само од фудбалот и според Спиркоски оправдани биле сиите нивни реакции и негодувања. Некои од ниив не сакале ниту повеќе да играат на натпреварите. Моментално акционерите сеуште немааат одржано акционерско собрание. Се доведува во прашање и почетокот во Втората лиига ако не се најде спонзор, бидејќи сегашните акционери немале желба повеќе да ја финансираат Победа.

 

„Во овие два месеци колку што бев поставен да ја извршувам функцијата в.д. претседател, сакам да ви потенцирам дека не е направен ниту еден денар долг, раздолжен е дел од долгот и тој сега е некаде околу 130-140.000 евра. Се што беше побарано од наша страна го исполнивме, единствено не можевме да исполниме е да обезбедиме опстанок, но тоа беше невозможно во вакви услови. Клубот сеуште е сопственост на акционерите, на хартија знаете во Централен регистар тој што е заведен, тој е и сопственик на клубот. Клубот сеуште е во сопственост на акционерите. Од страна на градоначалникот добив информација за потенцијални луѓе кои би сакале да се вклучат во спонзорирање на клубот, но нивниот главен проблем е долгот кој што Победа го има кон доверителите. Со добивањето на ваучерот од 60.000 евра, кој го добивме од Агенцијата за млади и спорт, нормално дека ќе се намалат дел од обврските кон доверители, а како понатаму ќе се одвива ситуацијата ќе видиме овие денови, бидејќи на хартија сеуште клубот е на акционерите, кои немаат одржано акционерско собрание, и да најдат некој спонзор кој би го превзел клубот“, истакна Спиркоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи