„Преспанскиот херој“, кој заслужено го носи ова име, Васил Јанкула од Ресен, пред околу месец и половина на сите им докажа дека буквално сите сме исти. Иако лице со церебрална парализа за само 7 дена со својот трицикл ја обиколи цела Западна Македонија, тргнувајќи од својот град Ресен, преку Битола, Прилеп, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Охрид, па преку Галичица повторно се врати дома. Денес после месец и половина од тој потфат со Васил се сретнавме точно на местото каде и започна целата оваа авантура, плоштадот „Цар Самоил“ во Ресен.
Васил твоето мото со кое ја започна оваа тура беше „Сите сме исти“ после 1 месец од тогаш како луѓето гледаат на сето тоа ?
„Па, има разлика, пред тоа ме гледаа на еден начин, а сега поинаку. Но што е најбитно ? Најбитно е дека јас сум истиот. Јас иако го направив тој голем подвиг, се чувствувам обично, исто како и претходно, без да се фалам со тоа или да се занесувам дека нешто големо сум направил“, истакна Васил Јанкула.
Каква е состојбата со лицата со попреченост во Македонија, ти токму поради нив извози 800 км. ?
„Лицата со попреченост кај нас се затворени. Јас искрено нема место во Македонија каде не сум бил. Шетам секаде, по дискотеки, кафани, се дружам со луѓето. Целта ми е да им докажам на тие луѓе дека и тие лица треба да почнат да излегуваат, да направиме сите заедно нешто во општеството да ни биде подобро“, додаде Јанкула.
Со нас во Ресен беа и Никола Кузманоски и Тони Ангелоски, кои беа дел од тимот на Васил додека возеше. Ангелоски беше негов тренер.
Тони тргнавте со мотото „Сите сме исти“. Дали после 1 месец чувствувате некоја разлика во општеството, дали сонот на Васил полека започна да се остварува ?
„Замислата на Васил е остварена и во иднина навистина мислам дека „Сите ќе бидеме исти“, Тони Ангелоски, тренер на Васил.
Дали беше тешко да се оствари оваа негова идеја. За 7 дена да се поминат 800 км. особено што тој е лице со церебрална парализа и вози трицикл, што и не е така лесно ?
Волјата е пред се најбитна. Васил имаше голема желба и волја и мислам дека не претставуваше голема потешкотија за него овој подвиг“, додаде Ангелоски.
Никола, Васил доби еден прекар „Преспанскиот херој“, дали го заслужува ?
„Го заслужува дури и повеќе од тоа. Јас со други граѓани со кои разговарам не би се нафатиле со велосипед да заминат ниту до Битола, па камоли да извозат како Васил. Сите му се восхитуваат, секој што ќе не сретне во град, во чаршија, ни вели алал да ви е“, изјави Никола Кузманоски, другар на Васил.
Дали полека се менува општеството, дали се реализира сонот дека „Сите сме исти“ ?
Да, се менува, го прифаќаат како нормален, сите досега што го негираа, што го отфрлаа, кога погледнаа што може да направи му се восхитуваат. И други лица со хендикеп кога слушнаа за ова сега се мотивирани да направат нешто“, додаде Кузманоски.
За Васил досега слушнаа многу мина, но ретко кој знае дека Ресен не е неговиот роден град. Васил потекнува од Мала Преспа, Албанија од селото, Туминец. Тој изрази желба да не прошета до тоа место кое се наоѓа од другата страна на Преспанското езеро. Интересно е да се каже тоа дека иако лице со попреченост Васил без проблем вози автомобил кој не е приспособен за лицата со хендикеп.
„Сега одиме кон моето родно село Туминец, таму се сите мои спомени, моето минато, моето детство. Тоа е прво село кога ќе се помине границата помеѓу Македонија и Албанија. Јас често го посетувам моето родно место. Доаѓам тука да се расположам со другарите. Тука нема интернет, се исклучувам од се и се релаксирам. Во Македонија се преселив во 2007 година, бидејќи тука нема услови за здрав човек, а не пак за ваков како мене“, рече Јанкула.
Се до почетокот на 80-тите години Туминец се наоѓал на самиот брег на Преспанското езеро. Сега со повлекувањето на езерото тој од него е оддалечен околу 1,5 км.
Во Туминец не пречекаа неговите роднини и пријатели кои не почестија кафе и сок, но и се пожалија за условите во кои живеат. Дојде и татко му на Васил.
Од сред село Васил со татко му не однесоа во неговата родна куќа од каде се има прерасен поглед на езерото и на целото околно поле. Не почестија со преспански специјалитети и летна рибја чорба и сушени риби кои ги викаат циронки.
„Многу се гордеам со Васил, незнам како да го искажам тоа. Тој е храбро дете кое зеде една таква голема иницијатива, во која му помогнаа и неговите тренери, другари и спонзори. На сите им благодарам. Од мал превземаше многу иницијативи, се да направи, во се да помогне“, вели Стерио Јанкула, татко на Васил.
Од Туминец заминавме за селото Пустец. Единствената општина во Албанија каде градоначалник е Македонец. Мала Преспа е прекрасен крај. На патот за Пустец го посетивме и местото Завир каде Преспанското езеро понира во Охридско. Блиску тука се и двата острови, Голем град кој се наоѓа на македонска страна и другиот помал остров наречен Мал Град кој се наоѓа кај Пустец на албанска територија. Таму Васил Јанкула доби награда од сега поранешниот градоначалник Едмнонд Темелко за промоција на Мала Преспа и Македонија.
„Сега во Кавадарци ќе го отворам велосипедскиот настан „Алшар“, потоа ќе планинарам и ќе летам со параглајдер. Друга голема идна цел ќе ми биде да го заобиколам Охридското езеро, од Галичица кон Охрид, Струга, Подградец, Свети Наум и повторно преку Галичица во Ресен“, истакна Васил Јанкула.
Васил не мирува, му посакуваме никогаш да не му престане неговиот ентузијам, затоа што „Преспански херој“ докажа дека буквално „Сите се исти“ и дека неговиот пример треба да го следат и другите лица со попреченост.