22 уметници од земјава и странство дел од уметничкото лето на Центарот за современа ликовна уметност

Во рамки на Прилепското уметничко лето на кое учествуваат 22 уметници од земјава и странство, се одржуваат  традиционалните ликовни манифестации: 62 – та Интернационална сликарска колонија, 56 – от интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“, 48-то Интернационално студио за пластика во дрво, 35-то Интернационално ателје за скулптура во метал и Интернационално студио за уметничка фотографија.

 

Радослав Симеонов од Софија, Бугарија е прв пат дел од уметничкото лето и работи во „Интернационалното студио за пластика во дрво“.

 

„Професор сум на Академијата за ликовни уметности во Софија и скулптор. Овде има уметници од повеќе земји, сликари, скулптори кои работат во метал, јас работам во дрво но има и такви кои работат во камен. На овој начин се создава  еден творечки момент помеѓу колегите, помеѓу различните култури. Работам апстрактна композиција висока три метри која не може да се види бидејќи се работи во посебна работилница каде што има услови. Се надевам дека до крајот на колонијата ќе биде готова и изложена во галеријата“, истакна скулпторот Симеонов од Софија, Бугарија.

 

Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 35 годишното опстојување на Интернационалното атеље за  скулптура во метал, кое со работа започнало во 1984 година и трае се до денес. Во Интернационалното атеље за скулптура во метал учествуваат прилепски скулптор Марјан Стојаноски,  како и скулпторите Џорџе Арнаут и Драгољуб Здравковиќ од Белград, Србија.

 

„Ја прифатив поканата да присуствувам на овој симпозиум во метал , не ми е прв пат да бидам дел од вакви настании сакам да учествувам поради средбите со колегите од другите средини. Кога е металот во прашање се обидувам да изведам нешто што сум го правел и порано, но бидејќи нашиот престој и временски е ограничен се надевам дека истото ќе им се допадни на организаторите“ истакна скулпторот Џорџе Арнаут од Белград.

 

Драгољуб Здравковиќ, скулптор од Белград , вели дека прв пат учествува на колонијата и ова му е прва посета на Прилеп. Најмногу од се овде е бидејќи сака да собери нови искуства и да воспостави соработка со колеги од странство.

 

Интернационалната сликарска колонија со дела  ќе ја збогатат сликарите Алех Клос од Канада, Мишел Банасик од Полска, Џош Санчез Руиз од Шпанија, Светлана Соло од Москва, Русија, како и прилепските сликари  Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски-Пижа, Лепа Милошеска, Марта Макеска, Кристијан Јованоски, Александар Џинго, Павлина Илиеска, Васил Костов, Сања Јездиќ, Тони Трајкоски, Ферди Булут, Тања Дмитриоска и Славчо Поповски.

 

„Многу сум среќен што сум тука, јас сликам фигуративна уметност и ова е позитивно искуство за мене“, истакна Мишел Банасикод Полска.

 

Алех Клос од Канада вели дека интересно е тоа што има луѓе од различни места , кои додека работат се во ист простор каде имаат можност за размена на искуства и меслења.

 

„Втора година сум присутен на колонијата и ова е добра прилика бидејќи има уметници од цел свет со што се отвора  можноста да погледнеме и други искуства и да ги примениме“, рече Ферди Булут од Прилеп.

 

Во  симпозиумот во мермер оваа година ќе земат учество Албулен Незири од Приштина, Каролина Палмеро од Кордоба, Аргентина. Во текот на своето 62 годишно постоење ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи