По 45-ти пат во Прилеп се слушна грмотот на тапанот, писокот на гајдата и кавалот во рамки на јубилејниот фестивал за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Иако беше предвидено фестивалот да се одржи на отворено во центарот на Прилеп, поради лошите временски услови тој се отвори во домот за култура „Марко Цепенков“.
Годинава на овој голем фестивалски бренд учествуваат 300 учесници од целата држава, а има гости и од Бугарија. Радува фактот што на Фестивалот имаше огромен број на млади кои ја прододолжуваат традицијата и го неговуваат традиционалниот македонски мелос, што е и основна цел на фестивалот.
„Од моја гледна точка се гледа дека има интерес за да се негува традицијата и сите поколенија да ја негуваат традиционалната музика. Инаку јас свирам на дувачкии традиционалнии инструменит, кавал, гајда, зурла. И навистина ми претставува гордост да ја негуваме традиционалната музика и да им покажеме на младите генрации како тоа треба да се прави, како тоа го правеле дедо Пеце и неговата дружина“, истакна Андреј Трајковски, група „Аманет“ Скопје.
„Јас сум играорец, играм веќе 4 години во КУД „Мирче Ацев“ во Прилеп. Играм бидејќи ми е убаво, интересно и е нешто старо што се негува“, кажа Михаил Грашкоски, КУД „Мирче Ацев“ Прилеп.
„Ние 5 години тропаме на тапани и сме во училиштето за тапани „Гоце Делчев“ од Битола. Тапанот го сакам бидејќи ми е убав инструмент“, рече Софија Врклеска, КУД „Гоце Делчев“ – Битола.
„Јас сум многу задоволен што научив од мојот наставник да тропам на тапан. Тапанот го сакам бидејќи е стар народен македонски инструмент“, вели Михаил Врклески, КУД „Гоце Делчев“ – Битола.
Освен млади учесници имаше и постари музичари и пејачки групи кои ја негуваат традиционалната музика. Ова е единствен и најголем фестивал од ваков калибар во Македонија.
„Сакаме да одиме напред и ние да ги учиме оние стари изворни песни. Малку сме слаби со помлади деца, но гчедаме секоја година да научиме нова песна и да излеземе со неа пред публиката“, истакна Весна Павловска, група „Мирка Гинова“, Демир Капија.
Дел од учесниците побараа државата да одделува многу повеќе пари за овие фестивали кои се столбот и чуварот на нашата традиција, историја и култура.
„Настапуваме скоро секоја година на овој реномиран фестивал и се надевам дека тој ќе опстои и дека Министерството за култура ќе оддели многу повеќе средства за вакви настани. Бидејќи ова е традиција и мора да се вложува во ваквите фестивали. Малку сме револтирани на нашето Министерство за култура кое многу малку одвојува за македонските фестивали“, кажа Бранко Ѓурѓоски, КУД „Гоце Делчев“ – Битола.
Но иако ова е еден од нашите најголеми брендови чија цел е зачувување на македонскиот мелос, фолклор и традиција, скоро до пред 1 месец не се знаеше дали воопшто фестивалот ќе се одржи бидејќи Министерството за култура немаше одделено средства. Годинава фестивалот од државата добил само 300.000 денари што е премалку за негов раст и развој. Организаторите велат дека со овие средства фестивалот само може на некој начин да се одржува, но никако и да напредува и развива.
„Средства секогаш ќе дојдат за да се одржи фестивалот, но за да расти фестивалот се многу малку средства. Не известија дека ни се одобрени 300.000 денари, кои за жал се уште не се стигнати. Тоа не е во ред бидејќи сега ние буквално народски кажано си пееме и играме на „Жими мајка“. Мора учесниците да остануваат да преспиваат тука. Така се разменуваат искуства, се пееше по цели ноќи и денови, тоа треба да продолжи. За овој фестивал не е во ред учесниците само да дојдат и да си заминат“, рече Весна Атанасоска Вучиќ, ќерка на Пеце Атанасовски и дел од организацијата на фестивалот.
Дел од организаторите на фестивалот велат дека ја имале таа чест да поминат дел од професионалниот век заедно со Пеце Атанасовски и дека низ овие години се остварила целта на фестивалот, а тоа е да се продолжи традицијата бидејќи токму од оваа мнифестација произлегле големи инструменталисти.
„Чичко Пеце имаше голема визија и имаше многу голема педагогија во себе. На времето тој го постави темелот и за среќа традицијата продолжува. Многу генерации ја земаа и прифатија таа љубов која ја имаше чичко Пеце и од тој темел што се постави излегоа многу големи гајдаџии и инструменталисти“, кажа Илчо Јованов, професор на музичката академија во Штип.
„Пеце Атанасовски не само што беше основач на овој фестивал тој беше и остана столб народното творештво, точно на тие народни изворни инструменти и песни кои за нас Македонците и нашата држава претставуваат наш препознатлив код“, вели Захаринка Милосављевиќ, дел од организацијата на фестивалот.
И оваа година организаторите подготвија награди за најдобрите. А како ио 10-тина годиини по ред се одржа и бесплатниот семинар на кој учесниците ги изучуваа традиционалните песни и инструменти.