Американскиот претседател Доналд Трамп најави мобилизација на припадниците на вооружените сили со цел справување со протестите и запирање на немирите и безвластието.
„Јас сум претседател поборник за ред и владеење на правото и сојузник на сите мирни демонстранти. Но, ова не се мирни протести, ова е домашен терор. На Америка ѝ треба изградба, а не деструкција и безбедност наместо анархија. Упатувам силна препорака до сите гувернери на улиците да ја распоредат Националната гарда во поголем број. Градоначалниците и гувернерите мора да спроведат присуство на законот на улиците додека не се воспостави редот. Ако градовите и државите одбијат да преземат акција, за да ги заштитат животот и имотите на сопствените граѓани, јас ќе ја распоредам војската на САД и набрзина ќе им го решам проблемот“, рече Трамп во градината на Белата куќа.
Додека тој зборуваше во Белата куќа, полицијата со солзавец, гумени куршуми и водени топови ги растеруваше демонстранти од околниот парк.
Десетици градови, вклучувајќи го и Њујорк, воведоа полициски час изминатата ноќ, но тоа не ги поколеба демонстрантите да излезат на улиците, што на некои места повторно излезе од контрола и се претвори во грабежи и палежи. Протестите се одржуваат во повеќе од 75 градови.