Од ковид-19 почина српскиот патријарх Иринеј, хоспитализирани поглаварите на грчката и албанската православна црква

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

По повеќе од две седмици боледување од ковид-19, утрово во 7.07 часот во воената ковид болница „Карабурма“ во Белград, починал српскиот патријарх Иринеј, соопшти претпладнево Српската Православна Црква – Пеќка Патријаршија (СПЦ). Засега нема детали за погребот.

 

Од упокоениот српски патријарх прв се прости претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште пред да биде објавено официјалното соопштение на веб-сајтот на СПЦ.

 

„Ми беше чест што Ве познавав. Таквите како Вас никогаш не заминуваат“, напиша Вучиќ на неговиот Инстаграм-профил.

 

Како што јавуваат српските медиуми, поглаварот на српската црква се лекувал во болницата „Карабурма“ од 4 ноември, откако му е дијагностицирано присуство на корона вирус, иако немал симптоми, но бил хоспитализиран за да му се следи состојбата, со оглед дека беше на 90-годишна возраст. Во неделата состојбата му се влошила, поради хронична срцева слабост, а до ново влошување на состојбата дошло ноќта меѓу средата и четвртокот, при што вчера попладнето бил ставен на респиратор.

 

Иринеј, роден во 1930 година, беше десет години на тронот на СПЦ, наследувајќи го патријархот Гаврило.

 

Патријархот Иринеј е вториот српски црковен великодостојник што за неполн месец почина од последиците на болеста ковид-19. На 30 октомври, по повеќе од 20 дена откако заболел од ковид-19, иако ја преброди болеста, почина Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије. Смртта беше припишана на оштетувањето на белите дробови, како што рекоа од Клиничко-болничкиот центар на Црна Гора. Иринеј присуствуваше на масовниот погреб на Амфилохије во Подгорица.

 

Инаку, во моментов хоспитализирани поради Ковид-19 се и поглаварoт на грчката црква, Јеронимос и на албанската, Атанасиос Јанулатос.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи