На 4 и 5 декември ќе се одржи седмото по ред Европско слем-првенство. Годинашниот македонскиот претставник е организаторот на традиционалниот Национален поетри-слем натпревар во Прилеп, Игор Трпчески.
Првиот ден, во две полуфиналиња и со почеток во 17 и 20 часот ќе бидат претставени сите натпреварувачи од 19 земји од Европа. Македонскиот претставник ќе настапи во второто полуфинале од 20 часот. Наредниот ден, пак, на 5 декември од 20 часот ќе се одржи финалната вечер.
Годинава, домаќин на Европското слем-првенство е Младинскиот културен центар во Марибор, Словенија заедно со Словенечката мрежа за слем-поезија. Поради вонредните услови, настанот ќе се случува онлајн со директен пренос на Фејсбук и ЈуТјуб-каналот на МКЦ Марибор, а настапите ќе се проследат како слем-видеа. Настанот ќе го модерираат Мојца Фрим и Јуш Милчински, а сценариото го подготви Нина Медвед во соработка со Петра Колманчиќ, кои се јавуваат како извршни продуцентки на првенството.
Меѓународното жири го сочинуваат слем-поетесата Елена Пренџова од Македонија, поетот и критичар Денис Шкофиќ од Словенија, поетот и организатор на слем-настани Марио Томиќ од Австрија и поетот-изведувач Јан Малин од Естонија. Со еден глас ќе придонесе и онлајн публиката. Комисијата на првенството, пак, ја сочинуваат рап-музичарот и слем-поетот Мишел Ристов и поетесата и критичарка Хелена Земљиќ.
Победникот/победничката ќе добие специјален пехар, уметничка скулптура од Јоже Шубиц, овогодинешниот добитник на Наградата за животно дело на Словенечката мрежа на друштва за визуелни уметности.
Директен пренос во живо ќе има и на Фесбук-страницата на национални слем-друштва од 6 земји, меѓу кои, и Македонија.
„Ја покануваме јавноста од нашата земја да ни се придружи на забавата и да гласа! Да, можете да гласате и за македонскиот претставник Игор Трпче! Коментарите од ФБ-страницата на Поетри-слем Македонија https://www.facebook.com/slammacedonia ќе бидат споделени директно, а водителките Петра и Метка ќе нè ‘посетат’ таму“, велат од Поетри-слем Македонија.
Извор : Вечер