Потрошувачката кошничка е готова, беше дадена на Економско-социјалниот совет (ЕСС), очекуваме позитивни сигнали од сите и ќе почнеме да ја пресметуваме, изјави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
„Потрошувачката кошничка не е некој пандан на синдикалната минимална кошничка, едноставно ќе биде врз база на релевантни показатели, не само од Државниот завод за статистика, туку и од сите други институции во државата – од маркетите, пазарите,… Ќе ни биде потребна кога имаме економски кризи или одредени економски политики, да ни дава насоки во креирање нови законски решенија, економски стратегии, одлуки“, истакна заменик-министерот.
Во врска со измените на Законот за нефер трговски практики, Ристески рече дека очекува да бидат донесени летово. Повтори и дека казните ќе бидат многу поригорозни, а со одредбите ќе бидат опфатени и добавувачите.
„Законот до летово се надевам дека ќе биде спроведен до Собранието каде треба да бидат изгласани предвидените измени“, напомена Ристески.