Решавање на проблемот со управувањето со отпадот во Преспа преку имплементирање на софтверското решение „Чист град“, кое би било еден вид пандан на проектот „Безбеден град“ (Safe City), што веќе се имплементира во сообраќајот, беше идеја изложена на брифинг што го организираше Еко Герила Преспа во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од Европската Унија, а на кој учествуваа институции, јавни претпријатија, граѓански организации и локалното население.
Нелегалното депонирање отпад на одредени критични точки низ Преспа би било фото и видео документирано, а потоа, врз основа на тие докази, би постапувале надлежните институции.
„Концептот е замислен да биде мултифункционален, односно да имаме поставени видео надзори на одредени критични точки, кои самите по себе ќе генерираат податоци за лицето, регистарските таблички на одредено возило кое депонира отпад, но исто така, сакаме да има и уште еден дел во кој секој граѓанин, врз основа на некаков вид доказ, дали е тоа фотографија, видео или одредена снимка од неправилно постапување, би можел да го внесе во тој систем, а информацијата да стигне до инспекциските служби или до секој оној што е надлежен да реагира на ваквите постапки согласно законот“, истакна Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
За намалување на нелегалното депонирање отпад, ЈКП „Пролетер“ веќе започна со селекција на одреден вид отпад, како текстил, стакло и електричен отпад, за кои се поставени соодветни контејнери низ градот. За кабастиот отпад се организираат акции по домаќинствата за негово подигнување. Наскоро ќе бидат поделени и 2.000 бесплатни канти за селекција на пластика. Оттаму се надеваат дека идејата за „Чист град“ ќе придонесе за намалување на дивите депонии.
„Свеста на граѓаните ќе се смени во делот кога ќе знаат дека ги фотографираат и снимаат додека одлагаат отпад на несоодветно место. Понатаму нема да постапуваат на ист начин, можеби ќе бараат информации каде можат да одложат отпад, нема да биде како што е денес. Главен проблем ни е отпадот што се одлага во селата, бидејќи депонијата е на поголема оддалеченост од градот и кабастиот отпад завршува покрај реките, во планините и тука се јавува главниот проблем за создавање диви депонии“, посочува Вики Проевска од ЈКП „Пролетер“ – Ресен.
Но, секое чистење носи огромни и непотребни трошоци за Општина Ресен, средства што таа сама мора да ги обезбеди без државна поддршка. Токму затоа, воведувањето на „Чист град“ се гледа како спас од отпадот за Преспа.
„Овие диви депонии не само што претставуваат еколошки проблем, туку и економски ризик за развојот на туризмот и овоштарството, бидејќи Преспа е позната по производството на јаболка. Дивите депонии околу Преспанското Езеро.
ја намалуваат атрактивноста на регионот, се намалува бројот на туристи, а со тоа се намалуваат и приходите на локалното население“, вели Марија Пројовска Марковска од Одделението за животна средина при Општина Ресен. Воведувањето на системот „Чист град“ го поздравуваат и од ЈП „Македонија пат“.
„Што се однесува до „Чист град“, сметам дека многу ќе се подигне свеста кај учесниците во сообраќајот и би се внимавало на фрлањето отпад. Самото тоа нам би ни било од корист, бидејќи би заштедиле ресурси, како човечки, така и финансиски, за понатаму да можеме тие средства да ги пренамениме за одржување на самите патишта“, потенцираше Александар Шуковски, од ЈП „Македонија пат“.
Доколку се имплементира проектот „Чист град“ во Ресен, тој ќе биде прв од ваков вид во Македонија. Во моментов се креираат деталите околу целиот процес, кој потоа ќе биде доставен до надлежните институции за разгледување, доработка и одобрување.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо Компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.