Подружницата на АД „Македонски пошти“ во Прилеп за своите потреби и модернизација на услугите доби 4 нови возила. Новите возила се очекува да придонесат за побрза и поефикасна достава на пратките, подобра организација на работните процеси и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите.
„Ефикасноста се зголемува со оваа донација, имавме отежната работа бидеји немавме возила, немавме транспортни средства. Ние предлагаме промена во законот, тоа досега не беше направено, сега сме на добар пат и чекаме во наредниот месец тој закон да помине и сигурен сум дека ќе успееме во тоа, дека условите ќе се подобрат и ефикасноста ќе биде на ниво како што треба. За жал ништо не беше инвестирано до оваа година, отсега па натаму почнуваме со динамика на инвестиции во Пошта“, истакна Орхан Куртишим, директор на АД Македонска пошта.
„Набавени се доволно возила да се дадат на сите подружници и градови, дури и помали градови и работни единици, за кои досега немало прилика да се доделат нови возила. Во истиве возила во товарниот дел ќе ставиме камери за да може да се следат пратките 24 часа, од приемот во пошта до конечната испратка на корисникот на нашата услуга“, изјави Николче Угринов, заменик генерален директор на АД Македонска Пошта.
Откако ќе се утврди динамиката и обемот на работа доколку има потреба, според надлежните имало можност Прилеп да добие уште едно, петто возило за потребите на оваа подружница.
„Мислам дека со оваа инвестиција и наредните инвестиции кои ги планира владата, Македонска пошта морам да кажам дека со тие инвестиции мора да ја вратиме како најсигурен, најбезбеден и единствен сервис на граѓаните на Република Македонија“, додаде Милена Јованоска, раководителка на подружница АД „Македонски пошти“ – Прилеп.
„Да кажам дека и Општина Прилеп се потпира токму на услугите на Македонски пошти, односно подружница Пошта Прилеп. Целосната комуникација која ја имаме со граѓаните ја извршуваме преку Македонски пошти. Навистина сметам дека треба да се подобри услугата која ја даваат кон граѓаните, тоа е од јавен, од општ интерес, затоа е и моето присуство овде денес и се надевам дека и ова исклучително архитектонско здание ќе го препознае раководството и по она што го слушнавме, покрај тоа што постои треба добро и да се одржува“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Инаку ова се дел од 100-те нови транспортни возила кои беа обезбедени на државно ниво за ова јавно претпријатие.