Трета година по ред екипите на Завод и музеј Прилеп го истражуваат локалитетот „Долиште“ кај селото Прилепец во близина на Прилеп, каде беше пронајдена бања од римскиот период. Станува збор за поголем комплекс ваков тип затоа дилемите се дали станува збор приватна или јавна бања. Објектот се датира дека потекнува некаде од крајот на 1 век п.н.е. и на почеток од н.е. Односно според материјалот кој се наоѓа објектот опстојувал некаде од 150 до 200 години.
„Оваа бања се состоела од неколку простории и со досегашните 3 археолошки кампањи имаме откриено неколку делумно откриени простории и една целосно откриена. Конкретно онаа која што е целосно откриена е таа која ја откривме оваа година. Таа е просторијата каде што луѓето, кои доаѓале тука да ја одржуваат својата хигиена, се потеле. Во таа просторија температурата била највисока, како во денешно време што се сауните. Во претходните кампањи откривме делумно поголема просторија која што е прилепена на оваа помала просторија и тука луѓето имале релаксација во базени“, потенцираше Душко Темелкоски, раководител археолошките истражувања.
Помеѓу прилепските села Прилепец и Волково постоел антички град, но за жал за кого не се знае како се викал. Според раководителот на истражувањата Душко Темелкоски овој град можно е да бил и градот Пелагонија, изгубената 4-та македонска античка престолнина, за кого барем засега се претпоставува дека се наоѓал кај селата Бонче и Подмол, каде се наоѓа Кралска Гробница.
„Тука е најдено и една депо, остава, со преку 200 сребрени тетрадрахми од македонските, пајонските, кралеви, кое што сега е изложено во Археолошкиот музеј во Скопје. Исто така самостојно нашиот Завод и музеј Прилеп има работено на еден стамбен објект на овој простор, а заедно со Филозофскиот факултет, заедно со моите професори археолози имаме работено на неколку пунктови каде што имало погребувања. Меѓутоа со досегашните истражувања за жал се уште не е најдена таа мермерна плоча каде ќе има натпис кој е овој град. Се претпоставува дека можеби ова е и градот Пелагонија“, изјави Душко Темелкоски, раководител археолошките истражувања.
Истражувањата ќе продолжат и идната година, а археолозите се надеваат дека тие ќе донесат артефакти со докази за тоа за кој град или за кое место станува збор.