Прилеп доби Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење кој претставува значаен чекор во насока на градење хумано, инклузивно и грижливо општество. Капацитетот е 48 лица кои тука ќе поминуваат по 4 часа во денот, за кои ќе има организирано различни активности. Проектот се реализира преку Министерството за социјална политика, а со поддршка на Австриската амбасада преку здружението Центар за развој и едукација од Прилеп и Центарот за социјална работа од овој град.
„Како здружение заедно со сите вклучени соработници ќе продолжиме и понатаму со оваа услога навистина да им помогнеме на постарите лица поздраво и поквалитетно да живеат и да го имаат внимението од сите нас, со цел да им овозможиме програма и активности кои се од нивни заеднички интерес, од психолшки и здравствени услуги, физиотераптефтски услуги, намалување на социјалната изолација, услуги за спорт и рекреација“, вели Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
„При остварување на правото за користење на услугата, корисникот добива решение и согласно изготвеното решение има право секојдневно да доаѓа во центарот, меѓутоа во одредени активности кои кај него предизвикуваат интерес“, рече Зоран Малковски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
„Се уште се сеќавам кога најпрво почнавме да соработуваме на мали проекти во делот на воведувањето на социјални услуги, меѓутоа со поддршката од австриското министерство, здружението работеше на обезбедување на поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, за веќе сега да може да се забележи дека имаме многу добри практики и услуги, сме на добар пат, има многу предизвици, но ќе продолжиме и понатаму“, изјави Харолд Фугер, аташе на Австриското Федерално Министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
Просториите ги обезбеди Општина Прилеп која партиципираше и со дел од финансиите. Центарот ќе може да го користат и старите лица од општините Кривогаштани и Долнени.
„Се направила програма која треба да им даде една дополнителна активност на овие луѓе кои ни се особено важни за градот Прилеп, за општеството, затоа што тие се причината зошто овој град го добил овој развој кој денес го има“, потенцираше Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Ќе имаат можност нашите сограѓани од Кривогаштани, посебно ми драго што Општина Кривогаштани е партнер во овој проект, ќе имаат можност заедно тука да се дружат, меѓусебно да споделуваат искуства, да имаат рекреација, едукација, психосоцијална поддршка од стручни лица и со тоа да им биде овозможено намалување на нивното чувство за осаменост и социјална изолираност во периодот во кој се наоѓаат“, рече Игор Каравилоски, градоначалник на Кривогаштани.
Центарот ќе работи секој работен ден од 8 до 16 часот, а апликации за секој кој ќе сака да доаѓа тука може да поднесе до Центарот за социјална работа во Прилеп.