По пауза од повеќе години „Рајската градина“ во Прилеп на Паркот на револуцијата повторно ќе го врати својот стар сјај. 8-те кафези ќе се наполнат со над 100 тина украсни птици кои ќе ги донира и за нив комплетно ќе се грижи „Пет Шоп Амазон“ од Прилеп, а дел ќе донира и Битолската зоолошка градина и други љибители на ваков вид на животни.
„Посебна благодарност упатуваме до љубителите на птици од градот и до зоолошката градина од Битола за нивната донација и поддршка со која ќе бидат обезбедени птиците и ќе се збогати овој простор. ЈКП Комуналец продолжува со работа на терен со одржување на парковите, зеленилото и јавните површини, затоа што уредениот град и грижата за природата се заедничка одговрност. Со вакви проекти покажуваме дека со соработка помеѓу институциите, граѓаните и општествено одговорните луѓе може да направиме позитивни промени за Прилеп“, изјави Љубиша Јованоски, дирекгор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Донаторот на украсните птици, Зоран Дурланов, вели дека Прилеп е познат на целиот Балкан по бројот и видовите на украсни птици, како и по бројот на одгледувачи на истите, а со оваа мини зоолошка, која ќе може да ја види секој посетител на градот само ќе го потврди тоа.
„Прилеп е познат по одгледувачи на птици во цела Македонија па и на Балканот, организираме изложби, одиме на натпревари во сите држави, Италија, Бугарија, Србија, Грција, секаде. Ќе донесиме разни видови на папагали како тигрици, нимфи, розенколинс птици, розели, александрии папагали, па пауни ќе пуштиме и други украсни птици. Се што можиме да донираме сите ние како љубители на птици да донираме. За нив ќе се грижам јас, ќе најдам екипа моја, за хигиената, за исхраната, па тука и ќе се размножуваат. Бидејќи немаме зоолошка градина ова да биди како мини зоолшка за да граѓаните сакаат да дојдат тука“, истакна Зоран Дурланов, донатор на украсните птиците.
Kафезите во моментов комплетно се реновираат, се покриваат со заштитна фолија и мрежа, а ќе бидат и реновирани и куќичките за престој на животните. Ќе бидат исполнети сите стандарди потреби за чување на ваков вид на птици.
„Оштетени се кафезите од времето, рѓосани жици, еве сега ЈКП Комуналец ги возобновува, ќе ги обновиме и заштиме од надворешни фактори. Горе се става заштитна мрежа од сонце, а потоа може и да се покријат со лим кафезите. Ќе направиме гнезда да се размножуваат за да се чувствуваат поубаво птиците, ќе ги храниме како што треба да се хранат“, додаде Дурланов.
Освен птиците во кафезите ќе бидат пуштени и украсни видови на зајаци.