Во рубриката „Репортер од терен“ ни стигна информација за патното “поврзување“ на прилепските села. Веќе долг период локалниот пат помеѓу селата Веселчани и Загорани се наоѓа во очајна и катастрофална состојба. Откако е изграден пред 40-тина години, нема претрпено никаква интервенција за негово санирање.
Селаните се жалат дека покрај тоа што секојдневно буквално ги кршат своите возила и механизацијата возејќи по овој пат, истиот веќе почна да претставува и сериозна опасност за сите кои го користат и дека е само прашање на време кога ќе се случи некоја несреќа.
Жителите на овој крај, на цела мака, се смеат дека патот е во толку очајна состојба, што изгледа како да ги “живее“ последните денови од неговото постоење и апелираат до надлежните конечно да преземат нешто и барем да ги санираат дупките и оштетувањата доколку не сакаат целосно да го ревитализираат.