Mинистерот за одбрана, Владо Мисајловски, заедно со командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, денеска ги посетија припадниците на артилерискиот баталјон во касарната „Мирче Ацев” во Прилеп и извршија увид на градежните активности, кои во моментов се реализираат во касарната.
Мисајловски порача дека Министерството заедно со Генералштабот континуирано работат на подобрување на инфраструктурата во касарните и посочи дека со реконструкцијата се обезбедуваат услови за соодветно сместување и складирање на новонабавената опрема и возила, хаубиците, Страјкерите и лесните оклопни возила (JLTV), како и за останатата артилериска опрема.
„Во овие неколку недели покажуваме убави примери како се работи на терен, денес сме во Прилеп, во касарната „Мирче Ацев“ каде може да видиме еден целосно нов објект. Оваа инвестиција е од 10.5 милиони денари, но значи многу, бидејќи на овој начин опремата ќе биде целосно заштитена. Динамично е во сите касарни, вложуваме преку 850 милиони евра во овој момент, во различни проекти, а досега имаме завршено преку 20 проекти“, рече министерот.
Мисајловски од прилепската касарна уште еднаш потенцира дека инвестициите во одбраната се инвестиции од македонските граѓани за македонската Армија, која е секогаш подготвена да им помогне на своите сограѓани и во служба на државата. Истакна дека условите постојано се подобруваат, како во самите касарни, така и во опременоста, но и за самите војници.
„Не можеме да ги игнорираме големиот број на проблеми со кои се соочуваме. Во минатото многу касарни беа уништени и тоа за да се обнови треба многу средства. Јас кога дојдов како министер за новите 300 војници немаше ни униформи, а се фалиме како НАТО армија. Јас знам дека е добро да се купуваат возила и хеликоптери, но мора да се грижиме и за приоритетите на сите кои се во касарните. Постепено сето тоа го правиме и сега сите тие прашања не се ни отвораат. Пристигнува нова опрема, пристигнуваат нови униформи, ќе пристигне сето тоа што е потребно и согласно приоритетите армијата што ги дава тоа и ќе го правиме. Но и покрај тоа, постои интерес од многу млади луѓе да се пријават во армијата, во моментот има оглас за кој се уште траат проверките и на кој над 1.700 млади луѓе се пријавија.
Моментално работиме на нов колективен договор што ќе го прифати цела армија, што ќе го прифатат сите синдикати. Разговараме со синдикатите да им помогнеме на сите војници кои навршуваат 45 години да останат во Министерството и Армија, да можат да бидат постојано таму“, посочи Мисајловски.