Денес во Прилеп со света литургија и положување на цвеќе на Рускиот меморијален споменик беше одбележан Денот на сеќавањето на руските војници кои загинаа за време на Првата светска војна на територијата на Македонија. Цвеќе положија делегациите на руската амбасада, Општина Прилеп, Здружението за македонско-руско пријателство и граѓани на Прилеп.
Рускиот амбасадор во Македонија, Дмитриј Зиков во своето излагање им се заблагодари на граѓаните од Прилеп што се уште ја чуваат меморијата за жртвата на руските војници кои својот живот во Првата светска војна.
„Ние сме тука за одбележување на Денот на сеќавање на руските војници кои загинале во Првата светска војна, тој ден се одбележува на 1 август и делегацијата на нашата амбасада, заедно со претставниците на Здружението за македонско-руско пријателство, Општина Прилеп и граѓаните на Прилеп. Ние сме тука да оддадеме чест и почитување со положување венци на споменикот на војниците на руската императорска армија кои загинале на македонско тло, на македонска земја, кои ги положиле своите животи за верата и татковината. Сакам да изразам голема благодарност на свештениците на МПЦ Охридска Архиепископија, Општина Прилеп, Здружението за македонско-руско пријателство, граѓаните на Прилеп за грижата и помнењето на руските херои, нека им биде вечна слава“, изјави амбасадорот Зиков.
Во поглед на односите помеѓу двете земји, Зиков рече дека моментално не се такви како што треба да бидат, но ќе работат на нивно подобрување во иднина.
„Не се такви какви што сакаме да бидат, причините за тоа се добро познати. Јас се надевам дека ќе биде подобро, моја должност и должност на нашата амбасада е да направиме се што е можно за тоа да биде така“, истакна Зиков.