Ротаракт клубот од Прилеп денес донираше електромагнетен стимулатор за штитениците во Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп. Како што истакна претседателот на Ротаракт клубот, Емил Батаклиев, истиот ќе им овозможи на штитениците третмани за стимулирање на мускулите, што ќе го подобри нивниот секојдневен развој.
„На 14.06. организиравме маратон, хуманитарен, кој беше наречен „Трка со срце“ и средствата кои беа собрани од самиот маратон беа наменети да купиме електромагнетен стимулатор од неколку илјади евра за дневниот центар во Прилеп. Може да кажеме дека сме многу задоволни, успешно ја завршивме мисијата и еве денес дојдовме да го предадеме, стручните лица да одржат обука и да почнат да го користат.
Медио стим е електромагнетен стимулатор кој се користи за еден вид стимулирање на мускулите на децата со посебни потреби, да можат да функционираат подобро, да се развиваат подобро“, рече Батаклиев.
Ова е прва поголема донација на Ротаракт клубот од Прилеп.
„Досега имаме донирано ваги за новороденчиња во двата медицински центри во Прилеп, сме имале донации за Нова Година за децата сме собирале поклони, имаме повеќе донации, но ова е прва ваква поголема донација.
Следната година очекуваме да имаме повторно еден маратон, некои поголеми проекти, затоа што ланската година ни беше почетна, се учевме и сега вторава година веќе знаеме што правиме и очекуваме поголеми донации да имаме“, рече Батаклиев.