Центарот за култура од Прилеп „Марко Цепенков“ во соработка со Здружението на Унгарци во Македонија „Теледом“ ја организираше традиционалната 10-та по ред Унгарска културна вечер. На платото пред Центарот за култура се претставија двата унгарски оркестри „Рожафа“ и ФА „Коња“.
„Ваквите културни настани придонесуваат за зближување на народите, за негување на културните различности и збогатување на културниот живот во градот. Па верувам дека оваа прекрасна вечер ќе остави силен впечаток врз публиката и ќе биде поттик за нови меѓународни соработки“, изјави Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура Марко Цепенков Прилеп.
Унгарците кои живеат во Македонија и гостите од Унгарија истакнаа дека една декада се гости и дел од одбележувањето на манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ и дел од вакви култуни настани во Прилеп.
„Многу ни е драго што сме тука во Прилеп и благодарам за оваа покана што можеме тука да ја презентираме унграската култура и музика. Ќе се претствиме со унгарски народни игри, песни и музика од Карпатскиот базен и Трансилванија“, вели Ѓулај Јухаз, од оркестарот „Рожафа“.
„Организираме веќе неколку години наназад настап на фолклорни групи кои доаѓаат од Војводина или Унгарија и исто така организираме заеднички изложби и други настани каде учествуваме заедно со амбасадата на Унгарија. За нас соработка е од доста големо значење бидејќи имаме можност да ја прикажуваме унгарската култура на нашите сонародници во Македонија и покрај тоа да предизвикаме пријатни чувства во одност на Унгарците, едно заедниќко почитување“, додаде Јожеф Шутуш, претседател на здружението на Унгарци во Македонија.
Прилепчани уживаа и беа восхитени од уникатните традиционални унгарски игри и песни.