„Идејата за организирање на овој фестивал всушност е спој на повеќе идеи, од една страна при нашите многубројни гостувања на разни фестивали ширум светот често бевме запрашувани дали може да учествуваме во вашиот град на некој фестивал, да го посетиме вашиот град. Иако го имаме еден реномиран и традиционален фестивал за народни инструменти, песни и ора „Пеце Атанасовски“, сепак во статутот стои дека е фестивал само за традиционални инструменти и песни, не опфаќа нестилизиран фолклор. Токму тоа беше поттикот за организирање на овој фестивал, а од друга страна имавме доста критики од познати јавни личности зошто Прилеп како центар каде го имаме Марко Цепенков, Блаже Конески и многу други доајени, зошто не направите нешто за оној легендарен лик Итар Пејо, бидејќи конкретно во Турција постои место, градчето Кемер каде се буквално синоним на Настрадин Оџа, односно сопарникот на Итар Пејо. Од фестивали, од споменици, магнетчиња, буквално целиот град е во симболот на Настрадин Оџа. Тоа ни беше другата идеја, па сакавме да ги фузираме овие неколку работи, навистина Прилеп е единствен град каде има споменик на Итар Пејо, нажалост не постои на друго место ниту споменик, ниту фестивал, ниту здружение, асоцијација кое го носи името на Итар Пејо. Се надевам дека ќе биде една традиција каде не само прилепчани, можеби ќе се развие со повеќе тематски целини во склоп на фестивалот и ќе имаме учесници и од други градови и странство“, Горан Василески, КУД „Мирче Ацев“.
„Веќе им посакавме добредојде на гостите од Полска, ги очекуваме во секој момент да стигнат и гостите од Словачка. Програмата утре започнува со детска работилница на Могилата на непобедените од 11 до 13 часот, предвидено е за децата да има активности кои се поврзани токму со тематиката на еден ваков фестивал, поврзасни со ликот и делото на Итар Пејо, креирање, дизајнирање, запознавање со македонскиот вез, со такви културни обележја кои ќе ги научат најмладите на корените на културното наследство, на традицијата и на спојот со модерното. Исто така предвидена е и дружба со маскоти, така што најмалите ќе имаат можност да се дружат со познати цртани ликови, за да привлечеме што е можно поголем број на млади учесници. Потоа од официјалната програма од 18 часот започнува официјалното дефиле, ќе се прошетаме низ центарот на градот, а дефилето завршува во 19 часот на платото кај Итар Пејо, каде ќе имате можност да ги проследите гостите од странство, заедно со неколку културно уметнички друштва од Македонија. Исто така во сабота планирана е и работилница за гостите, за членовите на ансамблите од Полска и Словачка, која ќе опфати една специфична тема, а тоа е спојот на традиционалното и модерното. На таков начин може да го зачуваме културното наследство без тоа да е еден единствен начин, туку да бараме нови идеи и нови алатки како со интересите на младите генерации ќе може да се пренесуваат ваквите традиции, за вакви иницијативи да се создаваат што е можно почесто за преку бура на идеи и дискусија помеѓу различни култури да дојдеме и можеби до нови предлози кои уште од наредната година ќе почнеме да ги применуваме“, истакна Елена Николоска, КУД „Мирче Ацев“.
„Вкупно 7 групи учеснички од кои 2 се од странство, од Полска и Словачка, потоа културно уметнички друштва од Македонија, односно од Струга, Демир Хисар, Кривогаштани и Кавадарци. На двете фестивалски вечери ќе учествуваат и КУД „Преродба“ од Прилеп со неколку хумористични точки. Како организатор КУД „Мирче Ацев“ ќе ја започни и ќе ја заврши и првата и втората фестивалска вечер“, рече Марко Велевачкоски, КУД „Мирче Ацев“.
„Со ова сакаме да предизвикаме прво да има културна понуда во градот, 2 дена да се случува нешто, а се случува нешто сериозно, затоа што има меѓународни рамки. Низ призма на културното случување ја гледаме и економската страна на нештата, а тоа е дека ќе дојдат гости кои ќе се запознаат со Прилеп и неговата околина, ќе видат шпо нуди и сметаме дека низ вакво едно запознавање на Прилеп правиме само дополнителна туристичка понуда за сите оние кои ќе дојдат и ќе понесат добри спомени, а низ призма на тоа верувам дека прошетаат, ќе потрошат дел од средствата, ќе се запознаат со убавините, со она што значи културно историска понуда на градот, гастрономска, угостителска и сето тоа на долг рок би дало едни зголемени резултати. Но најважно од се е одржување на традицијата и културата на градот. Како локална самоуправа ние во програмата ставивме и имаме финансиска конструкција да организираме стенд ап фестивал кои физички би се одржувал на платото пред споменикот на Итар Пејо. Тоа е различен настан од овој меѓународен фестивал кој исто така го има овој дополнителен хумористичен дух како дел од фолклорот, но се однесува на фолклорни групи кои низ презентација на традицијата ќе го дадат и оној поведриот, хумористичниот дух кој низ традицијата се создавал кај еден народ. Бидејќи има меѓународен карактер, треба да видиме како духот се пренесува и во овие земји, но и разните региони овде во Македонија. Не го почнавме стенд ап фестивалот, кој е различен од ова денес за кое зборуваме, од причина што овие 2 месеци навистина се случија многу настани, допрва ќе се случуваат уште повеќе настани и предложивме да биде во месеците кога ќе падне интензитетот, односно нема да има толкава понуда на настани, за да не ги преклопуваме, а публиката треба да биде задоволена за сите вкусови, но и да имаме што е можно поголем број на посетители“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
„Како Центар за култура нашата улога е да обезбедиме простор, техничка, логистичка поддршка, поддршка во продажбата на билети, но и во самата реализација на фестивалската програма. За нас е особено важно како Центар за култура да бидеме отворени и достапни на културните здруженија, на уметниците и на сите оние кои создаваат културна содржина во градот и сметаме дека токму таа соработка и меѓусебна поддршка е многу битна за да понудиме квалитетна содржина и да ја доближиме уметноста до публиката“, вели Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.