На 21 август 2026 од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Тивок ритам на формите“ од уметницата Милица Алимпиќ Илиќ од Србија. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Изложбата „Тивок ритам на формите“ претставува серија на слики во која се појавува изразена женска фигура како централен носител на визуелната и емотивната приказна. Низ различни положби, движења и односи на фигурата со просторот, уметницата ги истражува и претставува внатрешните состојби на жената. Насловот на изложбата го отелотворува разбирањето дека формата, линијата и бојата не се само визуелни елементи, туку простор во кој телото, чувството и мислата се среќаваат сосема спонтано и искрено.
„Во композициите се менуваат геометриски форми и слободни, природни движења на фигурата. Контрастот на топли и ладни, светли и темни тонови, како и ритамот на повторувачки линии и облици, ја градат динамиката на секое дело. Фигурите понекогаш се поставени наспроти геометриски форми, а понекогаш како да израснуваат од нив, создавајќи рамнотежа помеѓу редот, хаосот и слободата. Делата се создадени со употреба на техники на акрил и масло на платно. Слоевитото нанесување на бојата, различните потези и ширини на четката, како и понекогаш нагласената текстура, создаваат специфична материјалност на површината. Во некои дела, материјалноста на бојата станува важен дел од ликовниот израз, додека фигурата и позадината меѓусебно се испреплетуваат и се надополнуваат. Посебна улога имаат линиите и трагите што ја следат фигурата, понекогаш нагласувајќи ја, а понекогаш создавајќи впечаток на движење. На овој начин, секоја фигура станува посебна приказна, но во исто време и дел од поголема, континуирана визуелна целина. Преку женската фигура, се обидувам да го доловам моментот во кој се среќаваат видливото и невидливото, оставајќи му простор на гледачот да го препознае или создаде својот ритам и својата приказна во овие форми“, вели Милица Алимпиќ Илиќ.
Милица Алимпиќ Илиќ (Шабац, СФРЈ, 1984) е струковни ликовен уметник. Средното образование го завршила во Училиштето за уметнички занаети во Шабац, а дипломирала на Висока школа за ликовни и применети уметности струковних студија во Белград. Член е на Здружението на ликовните уметници на Шабац. Во својата досегашна уметничка кариера реализирала седум самостојни изложби во Србија и учествувала на бројни групни изложби во Србија, Северна Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Полска, Канада, Турција, Мексико, Аргентина, Јапонија и Јужна Кореја. Покрај авторската практика, активно се занимава со едукација и илустрација. Води ликовни работилници за деца и возрасни и илустрира книги и сликовници. Еден е од основачите и организаторите на Меѓународната ликовна колонија „Накучани“, која се одржува од 2010 година, како и на Интерконтиненталниот детски онлајн ликовен натпревар „Доброчинство“, основан во 2022 година. Учествувала на бројни ликовни колонии во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и на Меѓународниот симпозиум „ФОРМА“ во Бугарија. Во текот на 2022 година била член на редакцискиот одбор на списанието „КИРКА“. За својата работа е добитник на награди и признанија, меѓу кои: Прва награда на колективната изложба „PrimaverARTE 2024“ Галерија „Жизел Дуран“, Буенос Аирес, Аргентина, ( 2024), Пофалница на 19. Пролетен салон на Галеријата на Центарот за култура „Масука“ во Велика Плана (2018) и Прва награда на изложбата „Арт Феникс“ во Скопје (2015), на тема „Карневал.