Општина Прилеп започнува со собирање предлози за доделување на општинските награди и признанија „3-ти Ноември“ и наградата за животно дело, по повод одбележувањето на празникот на Општина Прилеп – 3 Ноември.
Наградите и признанијата се доделуваат на физички и правни лица за особени достигнувања и остварувања од значење за општествениот, стопанскиот, културно-уметничкиот и политичкиот живот, како и за придонес во развојот и афирмацијата на Општина Прилеп.
Предлози можат да поднесат претпријатија, здруженија, граѓани и други заинтересирани субјекти. Предлозите треба да бидат образложени и аргументирани, со наведување на достигнувањата и придонесот на кандидатот во соодветната област, за периодот од 3 Ноември 2025 година до денот на поднесување на предлогот.
За наградата за животно дело се предлагаат кандидати кои подолг период се истакнувале со значајни остварувања и посебен придонес во својата област.
Предлозите се доставуваат до Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници при Советот на Општина Прилеп, преку приемното одделение во Општина Прилеп или на адреса: ул. „Прилепски бранители“ бр. 1, Прилеп.
Краен рок за доставување на предлозите: 09 октомври 2026 година.
Општина Прилеп ги повикува сите заинтересирани граѓани, организации и институции да предложат личности и субјекти кои со својата работа и достигнувања оставиле значаен белег и придонес во развојот и афирмацијата на Прилеп.