Ѓорѓиевска: Јас сум жена која ја сака планината, но уште повеќе верувам дека она што го правиме треба да има смисла и за некој друг

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Чувството дека повторно се враќам на високите планини е посебно, а особено кога станува збор за Хималаите. Планината секогаш ме учи нешто за самата себе, но овој пат секој чекор нагоре имаше и друга смисла – зад него стои дете кое треба да добие можност за образование. Целта беше преку искачувањето да се соберат средства за изградба на училиште и на децата да им се даде можност која за нас можеби изгледа основна, но за некои од нив може да значи промена на целиот живот. Јас сум жена која ја сака планината, но уште повеќе верувам дека она што го правиме треба да има смисла и за некој друг, а не само за нас, ексклузивно за Инфо Компас вели високогорката Маријана Ѓорѓиевска, во интервјуто по повод искачувањето на Ут Кангри, врв висок 6070 мнв на Хималаите во Индија.

Во прилог ви го пренесуваме целото интервју.

Прво честитки за искачениот врв! По втор пат си на Хималаите, овој пат во Индија. Какво е чувството да се вратиш на највисокиот планински масив во светот?

Благодарам. Самото чувство дека повторно се враќам на високите планини е посебно, а особено кога станува збор за Хималаите. Планината секогаш ме учи нешто за самата себе, но овој пат секој чекор нагоре имаше и друга смисла – зад него стои дете кое треба да добие можност за образование.

Зошто Ут Кангри?

Ут Кангри е врв висок 6070мнв, кој се наоѓа на Хималаите, во Индија, во областа Ладах. Првпат е искачен во септември 2019 година, токму од нашиот водич и неговиот тим.

Но, причината поради која овој врв беше избран за Kili4Kids е многу поголема од самата височина.

Ладах има прекрасен релјеф, но и свои предизвици кога станува збор за пристапот до образование, особено за децата кои живеат во оддалечени и рурални средини. Затоа оваа експедиција не беше само спортски предизвик. Целта беше преку искачувањето да се соберат средства за изградба на училиште и на децата да им се даде можност која за нас можеби изгледа основна, но за некои од нив може да значи промена на целиот живот.

Токму тоа ме привлече кон Kili4Kids. Јас сум жена која ја сака планината, но уште повеќе верувам дека она што го правиме треба да има смисла и за некој друг, а не само за нас.

Колку денови траеше целата експедиција?

Целото патување започна на 6 септември и завршува на 20 септември. Престојот и искачувањето на планина беа пет дена.

Но, кога ќе кажам пет дена на планина, тоа звучи многу едноставно. Зад тие пет дена има подготовки, аклиматизација, патување, промена на огромна надморска височина, физички и психички предизвици, а пред сè – една голема човечка причина поради која сите бевме таму.

Беше единствена претставничка од Македонија. Колку членови броеше експедицијата?

Така е. Ја имав честа да ја претставувам Македонија во оваа светска хуманитарна иницијатива.

Kili4Kids има една многу силна идеја – да се искачуваат планини, но преку тие искачувања да се градат училишта. Целта е да се искачат 10 планини и да се изградат 10 училишта

Ова беше четвртата експедиција на Kili4Kids, изградени се две училишта – едно во Танзанија, друго во Кенија. Започната е изградбата на третото училиште во Непал.

Конкретно, оваа експедиција ја сочинуваа 24 учесници од 15 различни земји – 15 жени членки и 9 амбасадори.

И тука би сакала да ја истакнам улогата на жените.

Жената во оваа иницијатива не е само некој што се искачува на планина. Таа е носител на порака. Жените доаѓаат од различни земји, култури и професии, но на планината стануваме еднакви. Секоја од нас носи своја приказна, но сите имаме заедничка цел – да направиме нешто за децата.

За мене е особено силно тоа што како жена од Македонија застанавме рамо до рамо со жени од целиот свет. Тоа е порака дека жените можат да бидат и планинарки, и лидери, и хуманитарци, и носители на промени.

Овој пат беше преку твоето здружение Пелагона Прва, како дел од хуманитарната акција Kili4Kids. Кажи ни нешто повеќе околу тоа?

Не. Моето учество во оваа хуманитарна иницијатива е преку Lions Club International.

Главното мото на Lions е „We Serve“ – „Ние служиме“. Kili4Kids е токму олицетворение на таа идеја: да направиш нешто што можеби е голем личен предизвик за тебе, но со тоа да создадеш можност за некој друг.

Идејата е едноставна, но многу моќна: ние се искачуваме, луѓето донираат, а средствата се насочуваат кон изградба на училишта.

Тоа е причината зошто секој врв има двојна вредност. Прво, го совладуваме врвот, а потоа од таа енергија создаваме нешто што останува и по нашето заминување – училиште, простор за образование и подобра иднина за децата.

Она што е особено значајно за мене е женската компонента. Во Kili4Kids жените од различни земји се во центарот на експедициите. Покрај членките, во експедициите учествуваат и амбасадори кои ја поддржуваат мисијата.

Средствата се собираат преку создавање мрежа на луѓе кои ја поддржуваат идејата – преку донации, преку Lions заедницата, преку амбасадорите, преку личните контакти и преку луѓето кои веруваат дека и мал придонес може да биде дел од голема промена.

Затоа секогаш велам: не мора секој да се искачи на 6.000 метри за да помогне. Некој може да даде донација, некој да ја сподели иницијативата, некој да ја раскаже приказната. Сите можеме да бидеме дел од искачувањето.

Колку време траеше искачувањето и каква беше патеката?

Како што наведов, искачувањето траеше пет дена и беше претешко.

Од една страна, затоа што во моментов јас не сум во соодветна психофизичка кондиција за вакви искачувања. Но, тешкотијата не беше само моја. Со неа се соочија сите.

Многу од луѓето во тимот не се професионални планинари. Нивниот мотив да бидат таму беше хуманоста. Тоа е нешто што мене многу ме трогна – луѓе кои можеби никогаш немале потреба да се искачуваат на 6.000 метри, избираат да го направат тоа за дете кое никогаш не го сретнале.

Тргнавме од Делхи, од околу 300 мнв, а со авион стигнавме во Лех на околу 3.500 мнв. За организмот тоа беше огромен шок.

Следниот ден посетивме неколку манастири и имавме дополнително искачување од околу 200 метри, што веќе беше исклучително тешко. (Тоа е точката каде јас целосно се изнемоштив.)

Потоа од 3.500 мнв со комбе се искачивме на околу 4.600 мнв каде спиевме една ноќ, а потоа пеш продолживме до кампот.

Следниот ден стигнавме до околу 5.200 мнв, каде што беше базниот камп. Имавме и аклиматизациско искачување до околу 5.600 мнв. (Crampon zone). Спиевме во Базен камп, а дел од опремата оставивме горе на 5.600 мнв. Наредниот ден беше ден за одмор.

Сè се случуваше многу брзо и организмот немаше доволно време да се приспособи.

На 13 септември, веднаш по полноќ, започна искачувањето до врвот. Стартувавме во 2:22 часот по локално време. Претходно во ноќта имавме и локални ритуали за среќа и успех во искачувањето.

До крампон-зоната одевме во ноќта, а пред изгрејсонце веќе бевме на глечерот, со целата опрема и во наврска. Глечерот константно пукаше под нашите нозе. Тоа се моменти во кои навистина стануваш свесен колку си мал пред природата.

На врвот стигнав во 8 часот и според водичот кој ја води евиденцијата – со моето искачување е поставен рекорд на патеката (со исклучок на индиските планинари) – од речиси девет часа: Базен камп – врв Базен Камп, со вклучени паузи за одмор и сликање.

И тука повторно се враќам на суштината на ова искачување. На врвот не се чувствував како некој што само искачил планина. Чувствував дека таму со мене се и сите оние луѓе кои донирале, сите жени од тимот, сите деца за кои го правиме ова.

Што беше најубавото нешто што го виде за време на искачувањето?

Поврзаноста. Начинот на кој 24 луѓе од различни земји, со различни јазици, култури и животи, станаа еден тим.

Особено ме допре поврзаноста меѓу жените.

На планината нема нација, функција, професија или статус. Има човек до тебе кој можеби е исто толку уморен и исплашен како тебе, но продолжува. И ти продолжуваш заедно со него.

А кога знаеш дека секој чекор има цел – да се соберат средства за училиште – тогаш добиваш дополнителна сила.

Интересна случка од самото искачување, или од целата експедиција?

За среќа имаше премногу убави и интересни случки. Би ја издвоила фасцинацијата на индискиот народ од нас. Никогаш не сум била толку сликана како додека престојував тука. Ми даваа деца да држам за да се сликаме, се сликаа мажи, жени, групи…

На крај, за да можеме да се движиме, се покривав со марама за да не се познава дека сум бела жена. 😁

Но, еден момент особено ми остана во глава. При посетата на една од знаменитостите на Делхи, групата имаше определено место и време каде што ќе се чекаме доколку се разделиме низ гужвата.

Како што пристигнувавме, седнувавме во сенка на еден камен. За само неколку мигови околу нас се собра огромна толпа луѓе кои нè фотографираа и сакаа да се фотографираат со нас.

Во еден момент си помисливме: „Па, можеби воопшто не требаше да се мачиме да се искачиме на врвот.“ 😁

Само да поставевме цена за фотографирање, можеби потребните пари за училиштето ќе ги соберевме многу побрзо и многу полесно.

Но, шегата настрана, токму таквите моменти ми покажаа колку една ваква иницијатива може да го поврзе светот. Луѓето можеби не знаат каде е Македонија, не знаат што е Ут Кангри, но кога ќе слушнат дека група жени се искачува на планина за да помогне на деца да добијат училиште – ја разбираат пораката.

Дали постоеше момент на страв или сомнеж во самата себе си дека можеш да го искачиш врвот, поради паузата од планината која ја имаше?

Секако дека да.

Мојот план беше да стигнам до 5.200 мнв, односно до базниот камп. Не планирав да се искачам на врвот.

Промената од Делхи до Лех, од 300 на 3.500 мнв, многу тешко ја поднесов. Имав проблеми со храната, организмот ми реагираше, добив и алергиска реакција, а подоцна започнав и со терапија за висина – нешто што никогаш претходно не сум го користела.

Во еден момент сериозно размислував да се вратам.

Но, во групата имавме фармацевтка која ми помогна и постепено ситуацијата се стабилизираше.

И тогаш се случи нешто интересно. Како што се зголемуваше надморската височина, сите станувавме сè поизнемоштени, а јас почнав да се чувствувам сè посилна.

Повеќе од половина од групата се откажа пред базниот камп и се врати назад. На врвот стигнавме само 10 учесници.

Јас горе бев водена од некоја чудна сила, но и од мојата константна верба во Бога. Верував дека е со мене и дека ќе ме чува, како и секогаш. Едноставно се препуштив во Негови раце.

Какво беше чувството кога се искачи?

Преемотивно. Плачев како мало дете, на цел глас.

Во тој момент ми помина низ глава целиот пат. Сите тешкотии, сомнежите, моментите кога сакав да се вратам, луѓето кои ме поддржуваа, моите родители, моите внучиња, луѓето кои веруваа во мене…

И, секако, децата за кои всушност бевме таму.

Кој беше прв со кого сакаше да го споделиш овој твој нов успех, со кого сакаше да искомуницираш од врвот?

Со Бога. Му се заблагодарив и Го замолив да продолжи да биде со мене.

Ако имав можност да искомуницирам со некого од врвот, тоа би биле моите родители и моите внучиња. Но, тоа беше невозможно, бидејќи бев надвор од мрежна покриеност повеќе од една недела.

Но можеби и во тоа беше цела убавина: таму бев јас, планината и Бог.

Имаш изјава дека планината за тебе е начин на живот, спознавање на себе си и откривање на суштината на живеењето. Што те научи искачувањето на овој врв за самата себе?

Дека секогаш можеме повеќе и повеќе.

Дека силата не е само во физичката издржливост. Силата е во вербата, во скромноста, во луѓето околу тебе и во причината поради која нештото го правиш.

Кога имаш причина поголема од самата себе, можеш да направиш големи работи.

Ако планина би можела да зборува, што мислиш, што би ти рекла?

„Браво, Маријана. Престани да се сомневаш во себе. Отсекогаш си ме почитувала – а јас, за возврат, ќе те чувам и ќе ти помогнам да ги излекуваш раните кои ги носиш во себе.“

Мислам дека планината не ти ветува дека патот ќе биде лесен. Само ти покажува дека можеш да продолжиш.

Дали би се вратила на Хималаите?

Секогаш ДА. Без размислување.

Која е следна планина која те повикува, кој врв ти е во фокус ? Кои се твоите следни планови на ова поле?

Искрено, во овој момент не размислувам за следна планина. Имам долг и тежок пат пред мене и враќање во „нормалното“ живеење.

Доколку не постоеше оваа покана за претставување на нашата држава во Kili4Kids, не знам дали ќе имав храброст да се осмелам на вакво нешто.

Поканата за учество во оваа иницијатива дојде во еден од најтешките периоди за мене. Јас ја прифатив како знак од Бога дека не треба да се откажувам од високите планини.

И за крај, уште еднаш би сакала јавно да ѝ се заблагодарам на целата јавност, на сите познаници, на заедницата, а особено на моите родители и на сите поединци кои не ме оставија и беа покрај мене во најтешките моменти.

Да не беа тие, јас не би можела да го остварам ова.

И сакам да кажам уште нешто.

Ова искачување можеби го направив јас, но училиштето ќе го изградиме сите заедно. Секој што ќе донира, секој што ќе ја сподели иницијативата, секој што ќе ја раскаже приказната, станува дел од оваа експедиција.

Затоа ги повикувам сите заинтересирани кои сакаат да донираат или повеќе да се информираат за светската хуманитарна иницијатива Kili4Kids да ја поддржат иницијативата преку официјалните канали на Kili4Kids, преку моите профили и контакти, или лично да ме контактираат.

Целта не е само да се искачуваат планини. Целта е од тие искачувања да остане нешто што ќе трае, а тоа е највисокиот врв до кој можеме да се искачиме.

Благодарам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци