Над 200 ученици од IV одделение од три основни училишта во Прилеп, учествуваа во настанот во ООУ „Кире Гаврилоски“ со што ја одбележаа Европска недела на спортот – MOVE MK 2026. Активностите беа организирани така што секое дете да може да се вклучи, без оглед на спортското искуство кое го има.
„Пораката која што сакаме да ја испратиме е да бидеме активни, не е важно кој колку и како ќе придонесе важно е да учествуваат сите. Овие над 200 ученици се оние кои ќе ја пратат пораката кон сите останати дека треба да бидеме активни и затоа оваа акција е MOVE MK 2026 или BE ACTIVE, односно да бидеме активни и спортуваме“, рече Гоце Бумбароски, раководител на одделение за јавни дејности и службеник за млади во Општина Прилеп.
На игралиштето имаше поставено 3 полигони каде децата се натпреваруваа во повеќе спортови и училишни спортски игри.
„Децата имаат своја задача да ги преминат реквизитите, да бидат безбедно вратени до целта, да не се повредат и нашата цел е да учествуваат во вакви игри и спорт и да знаат што е натпреварувачки дух. За едно дете на една ваква возраст е доста значајно тоа да спортува бидејќи сега се тие години каде му даваме вистинси правец на децата каде треба да бидат и спортот е едно од најдобрите нешта во нивниот живот кој треба да се случува и понатаму“, додаде Илија Димоски, професор по физичко образование.
Практично фокусот на оваа манифестација не е на спортските резултати, туку на движењето, дружењето и навиката за физичка активност. Европската недела на спортот е можност преку игра и спорт на најмладите да им се покаже дека физичката активност не мора да биде обврска туку може да биде забавен и природен дел од нашето секојдневие.