Од 1.040 испитаници на ниво на држава 6% од нив истакнале дека им бил побаран некаков вид на корупција во нашиот здравствен систем, а додека 5% од нив сами понудиле различен вид корупција. Најчест вид корупција кој што се барал или доброволно се нудел биле пари или поткуп, а потоа следувале врските, фаворизирање на одредени пациенти или давање на друг вид на подароци. Карванот на јавни трибини „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“ се одржа во Прилеп, каков втора дестинација во државава после Куманово.
„Генерално досега е промовирано неколку пати, ова е дел од промоцијата. По завршувањето на јавните трибини, заедно со релевантни чинители, вклучително здравствени работници и донесувачи на одлуки ќе се формира акциски план како треба да се постапува понатаму“, изјави Дарко Антиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Од истражувањето се покажало дека граѓаните многу често не ја препознаваат корупцијата во здравството ако тоа не се пари. Така што барањето на врски за да се добие некоја услуга било толку нормализирано што никој и не го сметал за нешто што треба да се пријави.
„Разменувањето услуга за услуга, упатувањето на конкретни лекови за купување од конкретни места, упатувањето во конкретни приватни здравствени установи, или во приватен термин во државна здравствена установа, сето се тоа форми кои можат да укажуваат на коруптивни однесувања, но граѓаните ги имаат некако прифатено и нормализирано како дел од нивното секојдневие. Граѓаните дури и кога се запознати со можностите за пријавување и реагирање на корупцијата имаат недоверба и се плашат да пријават, затоа што се плашат од последиците дека потоа нема да можат да ја добијат здравствената услуга. На сето тоа најмногу влијае и фактот што тие се чувствуваат дека во подредена положба во однос на здравствените работници и дека тука нема еднакви можности на моќ“, рече Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп.
Овој Караван ќе продолжи и во други градови во државава на кој што граѓаните ќе може и јавно да ги искажуваат своите негативни искуства.