ВИДЕО- Од модерни насади до еко-куќарки: одржливо земјоделство и туризам во Преспа

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Добрите практики во земјоделството добиваат сѐ поголема примена во преспанскиот регион. Еден таков пример е семејството на Влатко Лабачевски, кое одгледува јаболка на 14 хектари земја. Во насадите имаат поставено систем за наводнување капка по капка, заштитни мрежи од град и систем за заштита од мраз. Според Лабачевски, користењето на системот за заштита од мраз и во летниот период им помага да се заштитат од одредени инсекти и да употребуваат помалку пестициди.

„Тоа прво помага да ги заштитиме од временските непогоди кои се сѐ почести. Антифрост системот, кој се употребува за заштита од мраз, преку лето, кога ќе го пуштиме, не заштитува и од некои инсекти и на тој начин употребуваме помалку пестициди“, вели Лабачевски.

Колку овие практики се употребуваат тука во Преспа?

„Споро, затоа што се многу скапи, многу е скапо да направиш заштита од град со антифрост, но почнаа луѓето, земјоделците да ги применуваат овие практики“, додаде Лабачевси.

Лабачевски поседува и земјоделска аптека, но куриозитет е тоа што тој не им продава по секоја цена пестициди на земјоделците, туку ги учи на нивна контролирана употреба.

„Со помалку прскање да добиеме поквалитетен род, тоа е нашиот прв совет кој им го даваме на земјоделците. Со присуство во овошните насади, кога луѓето се секојдневно присутни, тие ги гледаат штетите кои можат да настанат од болести и штетници и прскаат за навреме да ги заштитат, но да не употребат премногу препарати“, вели Лабачевски.

Лабачевски тврди дека преспанското јаболко е двојно помалку прскано од она што влегува во Македонија од увоз.

„Пред сѐ поради тоа што се скапи препаратите, тие штедат и не ги прскаат јаболката како некаде во Европа“, тврди Лабачевски.

Грижата за природата во Преспа се препознава и во идеите за развој на локалните стопанства. Покрај промените во земјоделското производство, дел од нив својата иднина ја гледаат и во туризмот, преку кој посетителите би се запознале со природните материјали, локалните производи и начинот на живеење во регионот.

Иако оваа куќарка можеби ви заличува на оние куќарки кои се наоѓаат во „Заливот на коските“ во Охрид, но сепак не сме таму. Ние сме во Преспа и тоа на имотот на Марија Евтимовска која практично ќе ни покаже како може од природни и органски материјали како глина, трска, слама и волна, да се направи мала еко-куќарка којашто понатаму би се употребувала во туристички цели.

За изградбата на куќарката добиле стручна поддршка преку повик од Програмата „ЕУ за Преспа“. Експерт од оваа област ги научил како да градат со природни материјали. Идејата на Евтимовска е да развие туристички комплекс каде што гостите ќе ја доживеат Преспа од еден поинаков агол.

„Исто така ќе има сместувачки капацитети кои ќе можат да угостуваат луѓе, би можеле да пресликаме како ние живееме во Преспа“, раскажува Евтимовска.

Куќарката би била за престој, или за некаква друга намена?

„Можат да се прават вакви куќарки и за престој, како што има по светот на многу места да го видиме како пример, меѓутоа стриктно оваа куќарка ќе биде како едно катче за туристите да можат да го видат, да се напијат некое кафе, можеби како фарм шоп“, истакна Евтимовска.

Покрај плановите за туризам, Евтимовска започнува со производство на брашно од јаболка. Семејството поседува хектар и половина јаболкови насади, кои веќе четири години се обидуваат да ги пренаменат во органско производство.

„Тоа е многу здрав продукт кој може да се употребува и во свежа форма, како брашно, како додаток во чаеви, млеко, одредени топли напитоци како салеп и слично, но може да се употребува и за готвење. Заедно со други здрави брашна можат да се печат одредени лепчиња, колачи и слично. Само една супена лажица со брашно од јаболко ја заменува нутритивната вредност на едно јаболко“, вели Евтимовска.

Сите овие позитивни практики во земјоделството целат кон тоа еден ден органското производство да доминира во Преспа.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци