На пазарите во Македонија ќе нема фискализација се до влез на државата во ЕУ, а регистрацијата на фирма нема да биде преку Централен регистар туку со лиценци кои ќе ги издава Комората на трговци. Ова се предвидува со новиот Закон за трговија на зелените пазари, кој беше донесен на 11 овој месец во рамки на 13 седница на Собранието на Република Македонија.
Претседателот на Комората на трговци Екрем Долек на денешната прес-конференција нагласи дека плаќањето кон државата ќе биде паушално, плаќањето на придонесите за здравствено и пензиско осигурување ќе биде по принципот- еден тезгаџија ќе биде ставен во тарифата на земјоделец- поединец.
“Плаќањето на обврските кон државата да не биде преку книговодители туку да биде паушално. Паушалното плаќање на персонален данок на доход веќе функционира од 2011 година. За плаќањето на придонесите за здравствено и пенизиско осигурување се согласивме со Владата и со Министерството за економија, тезгаџиите да биде ставен во тарифата на земјоделец поединец“, рече Долек.
Долек на денешната прес-конференција нагласи дека ќе ги издаваат и ќе ги поделат лиценците по пазарите бидејќи од Здружение на пазарџии се регистрирале во Комора. За добивање на лиценците лицата треба да докажат оти поседуваат тезга под закуп. Врз основа на тој договор што го имаат со организаторот на пазарот тие ќе му издадат лиценца со важност од една година. Со необновувањето на лиценцата, лицето се брише како имател на тезга во одреден пазар во државата. За цената оваа недела ќе разговараат со министерствата за финансии и за економија.
Минатата недела во Собранието се изгласа законот за трговците на зелените пазари, а во текот на оваа недела ќе излезе и во Службен весник.